Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева најави дека наскоро ќе поднесе нови обвиненија до судовите. Не станува збор за предмети отворени од прислушуваните разговори, бидејќи за нив истече рокот од 18 месеци уште во јули минатата година, туку за предмети кои СЈО ги презеде од редовното обвинителство, како на пример за случајот „Актор“.„Мислам дека за сите воспоставивме надлежност по однос на предмети кои ги преземавме од јавното обвинителство или од организиран криминал и не се истечени тие 18 месеци. Што значи, ние ќе можеме самите да ги застапуваме на суд, но се уште траат тие 18 месеци и точно е дека има некои во завршна фаза и дека во следниот период … нема да бидат дадени во суд, но во идниот период сигурно ќе ги дадеме на суд, на оценка од страна на судот или ќе донесеме друга јавнообвинителска одлука“, рече Специјалната јавна обвинителка Катица Јанева.
Оваа изјава Јанева ја даде на презентација на извешајот на ОБСЕ за работата на СЈО. Во приликата таа го искритикува скопскиот кривичен суд дека работи споро со предметите кои сега се во суд, во споредба со предметот за 27 април каде веќе се закажани десетици рочишта. Најави и извештај за неправилности во судовите, во прилог на редовниот извештај на обвинителството кој треба да биде готов до средината на септември.
Опструкциите на судовите кон СЈО, особено на почетокот на работата на Јанева, беа нотирани и во извешајот на ОБСЕ. Во публикацијата се предупредува дека судовите имаат двојни аршини кога одлучуваат за барања за притовор од СЈО за разлика од редовното обвинителство, и дека спората работа може да доведе до застарување на кривичните дела во некои предмети. Но, имаше забелешки и препораки и за СЈО.
„Додека е дискрециско право на СЈО да ги сподели со јавноста причините поради кои презема или не презема одредени предмети под своја надлежност, имајќи го во предвид високиот профил и политичката чувстителност на овие случаи кои СЈО ги презеде, ОБСЕ советува СЈО да усвои потранспарентен приод и начин да и ги објасни на јавноста овие одлуки“, рече Мишел Принс- набљудувачка мисија на ОБСЕ.
На критичкиот дел за СЈО во извештајот на ОБСЕ се надоврза само претседателот на Советот на јавни обвинители, Коле Штерјев. Јавно призна дека и Советот бил меѓу институциите кои правеле опструкции на работата на СЈО, но кажа дека не е добро што сега имало спротивна ситуација. Ја повика Јанева да си ја врши работата како што треба, што впрочем го правела и до сега.