Тешко можеше да се замисли една недела во животот на познатиот ТВ-мафијаш Тони Сопрано без потпечени зити – специјалитетот имаше сцени во серијата повеќе од некои ликови!
Ова популарно јадење од италијанско-американска кујна има различни варијанти и обично се подготвува од варени тестенини „зити“ – помали од „ригатони“, а поголеми од „меѕани“ – во кои се додава сос од домати со босилек, мелено месо и/или колбаси, и се потпекува сѐ заедно во рерна со моцарела.
Ако не можете да најдете „зити“, може да ги замените со лесно достапните „пене“ тестенини.
Потребни состојки:
600 мл готов сос „Наполитана“
450 грама италијански колбас
400 мл домати од конзерва
400 гр суви тестенини „зити“
250 мл бело вино
220 моцарела
30 гр путер
3 лажици рендан пармезан
2-3 чешниња лук
сол и бибер по желба
маслиново масло
свеж босилек
Подготовка:
1. Сварете ги тестенините ал денте според упатството на пакувањето.
2. Испржете ги италијанските колбаси во малку маслиново масло додека не заруменат.
3. Додадете ситно сецкан лук и крчкајте ги заедно околу половина минута.
4. Додадете бело вино и варете додека не испари алкохолот.
5. Додадете ги сечканите домати од конзерва и сосот „Наполитана“, додадете путер и малку свеж босилек. Измешајте сè добро.
6. Додадете ги сварените тестенини и половина од ренданата моцарела, измешајте и пренесете сè заедно во претходно намастен огноотпорен сад.
7. Остатокот од моцарелата и пармезанот посипете го врз смесата и ставете го во рерна на 200 Целзиусови степени неколку минути додека не се стопи и потпече сирењето.8. Послужете топло со сезонска салата по желба.