Кога се обидуваме да ги ослободиме несаканите килограми, често наидуваме на бројни совети, од кои некои не се ниту докажани, ниту точни.
Има неколку митови кога станува збор за слабеење во кои многу луѓе сè уште погрешно веруваат. Слушањето на овие совети предизвикува само уште поголема фрустрација поради наталожените килограми, но и неможноста да ги изгубите. Покрај тоа, експертите предупредуваат дека одредени непроверени и погрешни совети за слабеење му штетат на нашиот напредок и на севкупните резултати и може сериозно да му наштетат на нашето здравје.
Помалку храна, повеќе движење
Многу луѓе велат дека слабеењето е лесно, само треба да јадете помалку и да се движите повеќе. Но, во реалноста, тој совет е многу нејасен и оптимистички, а истражувањата го поткрепуваат тоа. На крајот на краиштата, да беше толку едноставно, сите ќе бевме слаби – а сепак многу луѓе постојано се борат со вишокот килограми. Губењето килограми е често сложено бидејќи може да има емоционални и психолошки пречки, како и животни стресови кои го отежнуваат слабеењето. За трајни резултати, потребен ви е специфичен план кој ќе наведе колку калории треба да внесувате, колку често треба да вежбате и како да се справите со проблемите кога ќе се појават, велат експертите.
Исфрлање на масната храна
Често слушаме дека целосното избегнување на маснотии во исхраната придонесува за слабеење. Иако ова може да изгледа како сосема логичен и добар совет, нутриционистите предупредуваат дека тој всушност не е точен. Се разбира, мастите се покалорични од јаглехидратите или протеините, но вистинскиот вид на масти може да ви помогне да останете сити, да се борите против воспалението и да го одржите вашето здравје на завидно ниво.
Кардио вежбите се најдобри за слабеење
Да, кардиото согорува калории, но сепак ви треба тренинг за сила за да изградите мускули под маснотиите додека согорувате калории и го зајакнувате метаболизмот. Само кардио вежбите ќе доведат до губење на тежината, но нема да ви помогнат оптимално да ги изгубите телесните масти. Како резултат на тоа, можете да завршите со „слабо дебело“ тело каде што вашата тежина се смета за „нормална“, но процентот на маснотии во телото е сепак доста висок, пишува Healthline.
Детоксикацијата е најбрзиот начин да се ослободите од вишокот килограми
Нема докази дека диетите за детоксикација делуваат, иако нашироко се верува дека за да ослабете треба да ги отстраните токсините од телото и да се исчистите од сите лоши работи кои сте ги наталожиле при дебелеењето. Што е уште полошо, детоксикацијата може да биде дури и опасна затоа што ќе го лишите вашето тело од калории и хранливи материи на долги временски периоди, предупредуваат експертите.