Најчестите симптоми на корона кај оние кои биле вакцинирани, а потоа се заразиле

Од почетокот на пандемијата на коронавирус до денес, вирусот еволуираше, а симптомите на болеста се променија.
Губењето на мирисот и вкусот првично беше еден од најчестите симптоми на COVID -19 и главен показател за болеста, а сега е само деветтиот најчест симптом.
Покрај тоа, симптомите се разликуваат и кај луѓе кои примиле само една доза од вакцината и кај оние кои ги примиле и двете дози и се заразиле, покажа нова студија од Велика Британија.
Според студијата, најчестите симптоми кај невакцинираните луѓе вклучуваат главоболка, болки во грлото, течење на носот, треска и постојана кашлица.
Симптоми по првата доза
Симптомите што се јавуваат кај луѓе кои примиле само една доза од вакцината се слични на оние што се јавуваат кај оние кои не се вакцинирани.
Тие вклучуваат главоболка, течење на носот, болки во грлото, кивање и кашлање.
Авторите на студијата објаснуваат дека кашлицата што не поминува сега е меѓу петте најчести симптоми, но дека кивање и течење на носот се јавуваат во поголема мера, иако претходно се мислеше дека овие симптоми не се поврзани со инфекцијата.
Симптоми по две дози
Симптомите што се јавуваат кај луѓе кои примиле две дози од вакцината вклучуваат главоболка, течење на носот, кивање, болки во грлото и губење на мирис.
Луѓето кои се заразиле по две дози вакцина посочуваат дека нивните симптоми траеле значително пократко, што сугерира дека имале поблага форма на болеста, пренесува IFL Science.
Истражувачите велат дека на промената на симптомите може да влијае фактот што вирусот се менува, но и фактот дека сега се заразуваат други демографски групи, пред сѐ помлади луѓе кои обично имаат поблаги симптоми на болеста.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.