„Цела недела, од минатата сабота трае проблемот со системот односно цевководот за кислород до операциски сали, цела недела нема испитување што е, што мириса, дали е загадено, дали навистина има јаглерод диоксид. Во меѓувреме, со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик!? Докази за тоа има во самата Клиника, неколку операции се извршени, дури и една врз дете. А, ако е се во ред, зошто тогаш нема план за операции за од понеделник?“, велат од ВМРО-ДПМНЕ
Обвинителството ќе истражува кои се причините за непријатниот мирис кој се ширел во хируршките сали во Клиничкиот центар во Скопје, кои веќе една недела се затворени, пренесува ТВ Телма.
Од Министерството за здравство до Обвинителството стигнало известување дека имал проблеми со функционирање на вентилацискиот систем во хируршките сали. Од Обвинителството, пак, велат дека предметот е распореден кај обвинител, кој треба да провери дали во овој случај има кривично дело, односно дали постои основа да поведе кривична постапка и против кого.
Од Министерството за здравство официјално не известија за што се работи и кои мерки ги преземаат за функционирање на хируршките сали. Поладнево, оттаму информираа дека министерот за здравство Илир Демири, в понеделник на 27 мај ќе одржи прес-конференција во 12 часот, но не посочија детали за што ќе се зборува.
Како што посочува ТВ Телма, неофицијално три од 12 операциони сали се оспособени со компресори и таму се преземаат итните случаи.
За состојбата на хируршките сали во Клинничкиот центар денеска од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека незапаметен хаос владее на Клиниката за хирургија, односно на Универзитетската клиника ТОАРИЛУЦ.
Оттаму посочија дека цела недела не работат четири лифта, ниту, како што додаваат, двата кај Трауматологија, па како што велат пациенти со скршеници, но и оние што одат на контрола или посета треба да одат по скали или да се возат со лифтовите што водат кон операционите сали.
„Цела недела, од минатата сабота трае проблемот со системот односно цевководот за кислород до операциски сали, цела недела нема испитување што е, што мириса, дали е загадено, дали навистина има јаглерод диоксид. Во меѓувреме, со потпис со лична согласност, луѓе се оперираат на сопствен ризик!? Докази за тоа има во самата Клиника, неколку операции се извршени, дури и една врз дете. А, ако е се во ред, зошто тогаш нема план за операции за од понеделник?“,
се вели во соопштението од ВМРО-ДПМНЕ.
Оттаму посочија и дека тоа што СДСМ и ДУИ одат во опозиција не значи, како што велат, дека треба народот да умира по болнички ходници.
„Делот КАРИЛ од 15-ти март има тендер од 2 милиони евра за санација, ова е првата страница од тендерот, потпишан на 15-ти март. А, се уште еве веќе трет месец не се создадени услови за да се почне со санацијата, се работи за привремена соба која што треба времено да се сместат пациентите! Фирмата моли, со писма, ова е едно од тие писма испратено до министерството за здравство, да им се овозможи услови да почнат да работат!“,
рекоа од ВМРО-ДПМНЕ.
Изминатите денови, расте бројот на пациенти во болницата за хирушки болести „Св Наум Охридски“ во центарот на Скопје, позната како градска болница.