Објавена воведната шпица за новите епизоди од „Беверли Хилс“

Фокс ја објави воведната шпица за новите епизоди од ТВ серијата „Беверли Хилс“, каде што ќе ја видиме цела оригинална актерска постава од 1990-тите, освен Лук Пери, кој годинава почина од мозочен удар.
Габриела Картерис, Шенен Доерти, Џени Гарт, Брајан Остин Грин, Џејсон Престли, Тори Спелинг и Ијан Зиринг ќе ги повторат своите улоги. Серијата инаку, прекина да се емитува пред речиси 20 години, во 2000., по што имаше и едно спин-оф продолжение. Засега се планирани шест нови епизоди, но како што говорат гласините, ако тие привлечат доволно внимание, може да има и уште продолженија.
Најавната шпица со музиката, кадрите и темата неодоливо потсетува на 1990-тите.
– Сакавме да го оживеме она чувство кое го имаме кога сме со нашите драги и блиски луѓе. Чувството на семејна блискост, истакна Картерис (Андреја).

Сепак, во новите епизоди, глумците ќе ги толкуваат ликовиите на самите себе, а не оние од серијата. Новото шоу е замислено како своевидна пародија на нивните лични животи, па така, на пр., Тори Спелинг во новите епизоди ќе се соочи со банкрот, како и неколкупати во вистинскиот живот.
Шенен Доерти, ја напушти оригиналната серија „Беверли Хилс” по три сезони, беше заменета и за неа се говореше како за тешка и проблематична соработничка. Но, таа сега се враќа на сцената.
– Не сакав да глумам во овие нови епизоди, но кога Лук почина, ги погледнав работите од друг агол. Ова го правам во негова чест, изјави Доерти.
За крај, една пикантерија… Промовирајќи ја серијата, Џени Гарт ги потврди долгогодишните гласини за нетрпеливоста меѓу неа и Доерти. Освен што се сопернички во приказната, тие не се поднесувале ниту зад камерите.
– Еднаш толку многу се скаравме, што на излезот и се степавме, а нашите колеги мажи нè раздвојуваа, раскажа Џени во едно неодамнешно интервју.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.