Почетокот на есента е период во кој многу домаќинки почнуваат да се подготвуваат за наредниот период, односно да прават зимница и да ги полнат залихите со домашно приготвени намирници. Во продолжение ви претставуваме рецепт за кечап кој ќе ве воодушеви sо својот вкус.
Рецепт за најубавиот домашен кечап кој некогаш сте го пробале
Потребни состојки: 6 килограми домати 1 килограм црвени пиперки 6 средни главици кромид 5 чешниња лук 2 шаки магдонос 100 грама шеќер 3 лажици сол 1 кесичка цимет Неколку зрна бибер 1 децилитар оцет Начин на подготовка: Измијте ги доматите и исечкајте ги на четвртини. Измијте ги и пиперките, исчистете ги од семки и исечете ги на неколку делови.
Кромидот исечете го на четвртинки. Исчистете го лукот и измијте го магдоносот. Ставете ги сите овие состојки во тенџере и варете ги 10-тина минути. Потоа исцедете ја останатата вода, а смесата испасирајте ја. После пасирањето, смесата можете да ја ставите во блендер за уште подобро да се соединат состојките. Потоа додајте го шеќерот, солта, циметот и биберот и оставете да се вари на средна температура.
На почетокот ќе се создава пена и смесата ќе се подига, па затоа неопходно е да мешате за да не истече од тенџерето. Но, после 10-тина минути можете да ги оставите доматите сами да се варат, а вие само одвреме-навреме да промешувате. Варете околу 1 час. Кечапот е готов кога смесата ќе биде намалена отприлика на половина од почетокот на правењето.
Пред крајот, додајте го оцетот и гответе уште 10-тина минути со постојано мешање (затоа што ќе почне да прска). Сипете го врелиот кечап во стаклени шишиња (претходно загреани), а потоа замотајте ги шишињата во крпи и оставете ги до другиот ден да се оладат. Доколку сакате повеќе варијанти на кечап, пред гмечењето на смесата, поделете ја на неколку делови. Па, во едниот дел можете да додадете лути пиперки за да добиете лут кечап, а во другиот дел можете да додадете оригано или босилек по ваша желба.