Без разлика дали ќе ја јадете во салата или ќе направите ароматични пијалаци од диња – во организмот ќе внесете чисти витамини
Рајски плод – ДИЊА
Периодов цената на дињата паѓа, па сега е вистинското време да пробате разни специјалитети од неа. Без разлика дали ќе ја јадете во салата или ќе направите ароматични пијалаци од диња – во организмот ќе внесете чисти витамини
Во старите медицински трактати, дињата била наречена „рајски плод, кој на кожата ѝ дава боја на праска, ја прави косата блескава, очите млади, а желбата силна“. Современите нутриционисти целосно се согласуваат со античките исцелители. Ароматичниот мек дел од дињата содржи многу супстанции корисни за нашето тело. Благодарение на високата содржина на аскорбинска и фолна киселина, како и каротин, дињата е прифатена како вреден витамински производ. Токму таа е на првото место меѓу плодовите во однос на содржината на калциум. Добро ја гаси жедта, го смирува нервниот систем, има благ ефект врз гастроинтестиналниот тракт, го нормализира балансот на вода и сол. За лековити и превентивни цели, дињата може да се користи за општо зајакнување на организмот, има смирувачки ефект, а дејствува и како диуретик, благ лаксатив и го стимулира создавањето крв. Исто така, овој плод одлично штити од склероза и помага при ревматизам.
Маринирана диња
Потребно: крупна диња, 30 каранфилчиња, чаша оцет, три чаши шеќер.
Малку неодзреаната диња исчистете ја од кората и исечкајте ја на парчиња. Во секое парче боцнете по неколку каранфилчиња, ставете ги во сад и прелејте ги со оцетот. Оставете да отстои 24 часа. Следниот ден, без да го истурате оцетот, ставете ја дињата во вода, оставете ја да зоврие и малку проварете ја, а потоа дињата ставете ја на сито. Исцедете го оцетот преку салфетка. Од шеќер, вода и чаша од исцедениот оцет направете густ сируп, ставете го да зоврие, изладете го и прелејте ги парчињата диња.
Салата од диња со домати
Потребно: 200 г диња, три домати, китка свеж босилек, китка магдонос, чешне лук, 100 г природен јогурт, сол и бибер по желба.
Исечкајте ги на парчиња дињата и доматите. Направете го преливот: во јогуртот изгмечете го чешнето лук, посолете, измешајте и со тоа прелејте ја салатата. Додајте ги босилекот и магдоносот. Малку забиберете ја.
Жолто гаспачо
Потребно: мала ананас-диња, две жолти пиперки, две стебленца целер, две гранчиња нане, три лажици лимонов сок, две лажици суво бело вино, половина чаша павлака са 20% масленост, сол по желба.
Измијте ги пиперките и исчистете ги. Измијте го целерот. Пиперките, целерот и дињата исечкајте ги на коцки. Тргнете настрана околу една чаша коцки од дињата. Преостанатото количество сомелете во пире го заедно со пиперките и целерот. Во тоа додајте ги лимоновиот сок, виното и павлаката, па посолете. Изматете го и оладете го. Распоредете го во високи чаши, одозгора ставете коцки диња и украсете со ливчиња нане.
Салата со диња, авокадо и со пилешко месо
Потребно: 200 г мек дел од диња, авокадо, два пилешки стека, листови зелена салата, лажица лимонов сок, три лажици билно масло, сол и бибер по желба.
Пилешките стекови исечкајте ги на коцки и пропржете ги на билно масло од сите страни. Мекиот дел од дињата исечкајте го на коцки или со помош на лажица од него направете топчиња. Исчистете го авокадото и исечкајте го, па попрскајте го со лимоновиот сок. На чинија ставете ги листовите салата, дињата, авокадото и пилешките стекови. Изматете го лимоновиот сок со масло, сол и бибер, прелејте ја салатата со дресингот и внимателно измешајте.
Ликер од диња
Зрела ароматична диња исечете на парчиња, наполнете со нив шише и веднаш ставете вотка, така што ќе го покрие овошјето. Оставете го да отстои две недели, потоа исцедете го и засладете го по желба – до чаша и половина шеќер на литарско шише.
СОКОТ ОД ДИЊА ГО ЧИСТИ ОРГАНИЗМОТ
Денес е многу популарна теоријата на блиц-терапија со сокови за чистење на организмот. Според таа теорија, основата на лековитиот сок е сокот од диња, бидејќи организмот го вари многу побрзо од соковите од другите овошја и зрнести плодови. Се препорачува, за исфрлање на токсините и на нечистотиите, 20 дена секое утро на празен стомак да пиете чаша сок од диња, со додавање какви било зрнести плодови. Најдобро е да користите замрзнати бобинки.