Актуелниот директор на ТИРЗ и член на СДСМ вели дека дека целокупното партиско раководство на СДСМ треба да поднесе оставка и да ја понесе одговорноста зашто, како што рече, не постои колективна одговорност, туку таа има име и презиме
Задоцнет, но чекор во вистинска насока. Вака актуелниот директор на Технолошко-индустриските развојни зони (ТИРЗ) и член на СДСМ, Јован Деспотовски, ја оцени оставката која вчера ја поднесе партискиот лидер Димитар Ковачевски, а за која рече дека дознал преку објави во медиумите. Истиот чекор, како што рече, очекува да го следат сите останати членови на раководството на СДСМ.
„Ако ние веднаш после првиот круг излеговме и кажавме – да, ја разбравме пораката од граѓаните – треба на луѓето навистина да им покажеме како сме ја разбрале таа порака, а не да си продолжуваме како ништо да не се случило. Ние 10 дена дискутираме дали претседателот на партијата треба да поднесе оставка. Претседателот на партијата требаше да поднесе оставка вечерта во средата и не знам што има тука нејасно“,
рече Деспотовски во гостувањето во емисијата „Студио 10“ на Телевизија 24.
Порача дека дека целокупното партиско раководство на СДСМ треба да поднесе оставка и да ја понесе одговорноста зашто, како што рече, не постои колективна одговорност, туку таа има име и презиме.
„Не може членовите на партијата да бидат одговорни за политиките на партијата или за политиките на владата. Затоа велам, одговорноста има име и презиме. Не мислам дека сега имаме луксуз да зборуваме кој е виновен, кој не е. Јасно е кој е. Не можам да го прифатам наративот на колективна одговорност. Каква е таа колективна одговорност? Членовите на партијата ли беа одговорни за поставување на функционери во партијата? Не. Членовите на партијата ли беа одговорни за поставување министри во Владата? Не. Дали беа членовите на партијата одговорни за поставување директори во Владата? Не“,
додаде првиот човек на ТИРЗ во гостувањето во емисијата „Студио 10“.
Според Деспотовски, следно што треба да го направи СДСМ е да се соочи со реалноста, со причините за изборните резултати и да понуди решенија. Говорејќи за своите сопартијци за кои во медиумите се пишува дека ќе се кандидираат за претседателската функција во СДСМ, Деспотовски, кој и самиот е извесно дека ќе биде кандидат за оваа позиција, вели дека во моментов не е време за исполнување лични амбиции.
„Се изнаслушав и се изнапрочитав деновиве за кој какви лични амбиции имал во партијата. Не е време за лични амбиции. Не е време сега поединци од партиското раководство да ги изразуваат своите лични амбиции преку медиуми. Навистина не можам да разберам сме ја сфатиле пораката од граѓаните ако притоа продолжуваме и настојуваме да обезбедиме одреден континуитет со сето она за коешто граѓаните рекле дека не е во ред“,
додаде Деспотовски.
На прашањето дали планира да се кандидира на позицијата претседател на СДСМ, како што тоа го стори на внатрепартиските избори пред три години, Деспотовски рече:
„Јас веќе чекорот го направив пред три години. Кога сметав дека партијата не оди во добар правец понудив алтернатива. Истото ќе го направам и сега. Дали тоа ќе го формализирам преку кандидатура, повторно ќе кажам, не е време за лични амбиции и за реализирање на нечија желба од детството.“
Прашан дали смета дека ниеден член од актуелното раководство не треба да се кандидира за нов лидер на СДСМ, Деспотовски вели оти тој не мисли нитшо, туку дека тоа го мислат граѓаните.
Лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски, вчера објави дека се повлекува од функцијата партиски претседател – нешто што го најави и по двојниот изборен пораз на неговата партија на 8 мај. На истиот чекор го повика и целокупното партиско раководство и закажа отчетен партиски конгрес по кој ќе следат внатрепартиски избори.