Министерот за образование и наука Јетон Шаќири вели дека прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори
Околу 15 илјади ученици што завршуваат средно образование, денеска ги исполнија холовите и салите во училиштата и го полагаа првиот од двата екстерни испита од државната матура – мајчин јазик и литература.
Според податоците на Државниот испитен центар (ДИЦ), организатор на полагањето на државната матура, пријавени се 10 088 кандидати за испитот по Mакедонски јазик и литература, 4 189 за Aлбански јазик и литература и 315 кандидати за Tурски јазик и литература.
Министерот за образование и наука Јетон Шаќири денеска во изјава за медиумите рече дека прелиминарни резултати ќе има најдоцна на 8 јули, односно 30 дена од полагањето на последниот испит, по што ќе следи можноста за поднесување приговори.
„Материјалите за подготовка на учениците, вкупно 14 834 пријавени, им беа навремено достапни и ценам дека не би требало да имаат потешкотии при полагањето и дека сите заедно успешно ќе го завршиме овој процес“,
рече министерот Шаќири кој беше во посета на Средното училиште „Нико Нестор“ во Струга.
Клучна новина годинава, како што истакна, е тоа што учениците полагаат во пошироки просторни услови, односно во холовите и спортските сали на своите училишта, или во најблиското каде има соодветни услови, наместо како досега во училниците.
„Намерата е да се обезбеди поголема транспарентност и објективност на процесот. Оние кои се вклучени како набљудувачи и тестатори во државната матура, на овој начин имаат полесна контрола и увид во однесувањето на учениците за време на полагањето и практично очекуваме да бидат елиминирани обидите за манипулации и злоупотреби на одредени начини или помагала при пополнувањето на тестовите“,
рече тој.
За текот и регуларноста на самиот испитен процес се задолжени околу 2 000 тестатори – наставници кои се ангажирани во други, а не во своите училишта, како и околу 200 набљудувачи од ДИЦ, Бирото за развој на образованието, Министерството за образование и наука и од Центарот за стручно образование и обука.
Согласно Концепцијата за матура и завршен испит, учениците и годинава полагаат 2 екстерни предмети, 2 интерни предмети и подготвуваат проектна задача.
За вториот екстерен испит, кој ќе се полага на 8 јуни, пријавени се 1 356 кандидати за Математика, 13 198 за Англиски јазик, 37 за Француски јазик, 114 за Германски јазик, 84 за Естетика и по еден кандидат за Руски јазик и за Филозофија.
Матурантите кои во јунската сесија нема да ја положат државната матура или не во целост, ќе може да се пријават за августовската сесија кога двата екстерни испита ќе се полагаат на 12 и 14 август.
Државната матура се спроведува од 2008 година, како законска обврска и услов за упис на високообразовна установа.