„Нарушуваме еден завет на великите македонски покојници во Солун и Сахара. Тие се беа заколнале да не оставаат свои портрети, затоа што сакаа да бидат служители на идејата, но не и на славата. Таму, во рушевините на македонската столица Солун, Гемиџиите сакаа да го збришат и своето месо и своите имиња, оставајќи го да живее над нивните останки суштествениот македонски дух за слобода и благосостојба и копнежите за светли дни.
Но, историјата не памети завети… Од моментот кога Орце го запали фитиљот, којшто требаше во лицето на Отоманската банка да го фрли во воздух европскиот капитал, што ги красеше градите на деспотот Хамид – од тој момент имињата на тие скромни безумници се понесоа како симбол на македонскиот хероизам, на македонската посветеност, одекнаа во сите потајни катчиња на македонската душа, за да по 20 години станат првите светци на македонската револуција…Не само зашто македонскиот идеал, во лицето на солунските атентатори, беше достигнал врвна кулминација, каква што ретко, дури и никако не се сретнува во историјата, но и зашто на 28 април 1903 година во македонската столица Солун се бореа два револуциони система: оној на рускиот анархизам, зачнат на македонска почва, којшто имаше за цел да го помати и разруши европскиот капитализам и Хамидовиот деспотизам, и оној – на Левски, кој по принцип дејствуваше низ бавна револуциона подготовка на народните маси.
Првата група е олицетворена во солунските атентати, а втората – во Илинденското востание. И тешко ќе биде за историчарите да определи кое од двете собитија било позначајно, кој од тие два система бил повеличенствен – дали примерот на личната бестрашност, или пак систематската подготовка на масите за револуцијата. И ако последното донесе едно самосознание на македонските маси, коешто веќе ја твори и втората песна на македонската епопеја, првото е оној стимул, којшто го создава македонскиот идол на револуцијата, на когошто веќе му се восхитуваат вековите… Така, солунските атентатори се највишата пројава на човечкиот индивидуализам, којшто ја крои судбината, но и цврстината на наредните поколенија.
Осврт на Павел Шатев за подвигот на Солунските атентатори
А делото коешто дошло веќе до таа кулминациона точка не може да умре… Зашто, затрупано во рушевините на Банк отоман; тоа воскресна од саможртвата на Орцето во темната солунска ноќ на 29 април1903 година;
Тоа светна со неугасливиот оган на Македонија; набиено во месото на Мечето, тоа го надмина и го носи својот одек во духот на поколенијата. По 500- годишни понижувања и скрб, на 28, 29 и 30 април 1903 г.,
Кога Орцето го палеше верижниот фитиљ против европските интереси. Кога Кирков и Трчков ја гаснеја светлината на градот Солун, за да блесне факелот на идејата, кога пред Карабурун гореше параходот „Гвадалкивир“, којшто ја изнасуваше ограбената пот на поробениот македонски селанец.
ТЕКСТОТ ПРОДОЛЖУВА ПОДОЛУ НА СТРАНА 2
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.