Војната што ја почна рускиот претседател Владимир Путин не е резултат, туку е причина за проширувањето на НАТО, изјави Лојд Остин, министер за одбрана на САД.
-Русија не беше испровоцирана. Русија не беше под закана. Русија не беше нападната. Наместо тоа, еден човек избра војна. И војната на Путин не е резултат на проширувањето на НАТО. Таа е причина за ширењето на НАТО. И сега, поради копнежите на Кремљ по една исчезната империја, Европа се соочува со најлошата безбедносна криза по крајот на Втората светска војна, изјави Остин на Реган форумот за национална одбрана што викендов се одржа во Сими вали, Калифорнија.
Тој истакна дека како членка на Советот за безбедност на ОН, Русија „води војна да лиши од демократија 43 милиони луѓе“.
-Војната на Путин на сите им даде на увид за светот на тиранијата и превирањата во кои никој не сака да живее, додаде тој.
Остин кажа дека сојузниците од НАТО го засилиле источното крило, а САД го зголемиле вкупниот број свои војници распоредени во Европа од 80.000 на повеќе од 100.000
-Нема да бидеме вовлечени во војната на Путин. Но ќе стоиме покрај Украина додека таа се бори да ги одбрани своите граѓани и суверенитетот… Ќе го поддржиме правото на Украина да се одбрани толку долго колку што е потребно, рече шефот на Пентагон.