Па што баравте да се враќате, ќе не заразите, Македонија не ви чинеше, а сега доаѓате?

Па што баравте да се враќате, ќе не заразите, Македонија не ви чинеше, а сега доаѓате?

Искуство на наша сограѓанка кое сметавме дека треба да го прочитате. Беше објавено на Фејсбук, со назнака отворено за цела публика. Подолу е и оригиналниот пост. Вакви ли сме? И зошто сме, ако сме!?

Long post but here it goes…
Се вратив со хуманитарниот лет од Загреб до Скопје на 27.03.2020. Како за Светски ден на театарот, јас доживеав ‘претстава’ каква што не сум видела до сега и ми требаше цел ден за мојот мозок да резонира што всушност се случуваше, па да можам да напишам и споделам.
Од Амбасада ни рекоа дека летот е во 11h, но дека ние треба да бидеме на аеродром најкасно до 8h наутро за да ги потпишеме изјавите дека се согласуваме да си го платиме летот и дека ќе одиме во државен карантин. Никој не се појави.
Во 10h го отворија шалтерот за check in. Се наредивме во ред, во кој скоро никој и да не ја почитуваше препораката од минимум 1м разделеченост. Македонче ко Македонче, ти дише во врат и се пика во тебе, како побрзо да ќе дојде на ред така. Од социјална дистанца голем дел од луѓето на аеродромот имаа разбрано само социјална. Дистанца е збор кој не постои во нивниот речник. Кога го замолив дечкото зад мене да се врати метар поназад, искоментира со потсмев.
Откако ја земав картата сфатив дека летот е во 12 наместо 11h. Ок, ништо страшно. Во 12h летот не беше никаде на видик, камо ли паркиран. Ок, ќе касни. Македонска работа. Луѓето нервозни, тензијата расте. Дури во 15h на дисплејот на аеродром беше напишано дека е одложен за во 17:10h. Се стационирав на едно шанкче во просторот за чекање подалеку од сите.
На аеродромот ништо не работи, освен Free Shop, и една машина за вода и грицки. И да сакаш немаш кај да јадеш. Во меѓувреме, група мажи се собраа во пушалната на која имав директен поглед и ја претворија во кафана, пеејќи песни, наздравувајќи со флашите купени од Free Shop. Каков вирус, какво ширење, каква пандемија. Алкохол за дезинфекција.
По можеби 2 часа почнаа да излегуваат од пушалната, се сопнуваа дур одат, се држеа еден со друг, повраќаа. Гадости какви што не замислував дека некогаш ќе ги видам на аеродром. Ја известивме вработената која ги прегледуваше картите пред да влеземе, не превзема ништо. Да беше во било која друга ситуација, вакви личности би биле избркани од аеродром, а не да им се даде да се качат на лет и да го загрозат просторот на тој што седи до нив. Летот не тргна ни во 17:10. Авионот пристигна околу 17:25, додека се качија сите патници дојде 18h и конечно тргнавме.
Тоа беше истиот авион кои претходно ги земал патниците од Малта и ги вратил за Скопје, па дошол по нас, и од изјавите на Владата заклучив дека знаеле дека тоа ќе биде истиот авион. Тоа што не успеав да разберам е зошто ни кажаа да бидеме на аеродром пред 8h наутро и да се создаде непотребна тензија и нервоза кога веќе знаеле дека летот не е возможно да биде во даденото време. На влез во авион беше поделено маска и ракавици на секој кој нема.
Дел од патниците, на кои веројатно ова им беше прв пат да летаат со авион, имаа испоседнато кој кај стигне, како во автобус. Кога го замолив дечкото кој седнал на моето место да стане добив ноншалантен одговор од типот на ‘Е добро де, што е битно кој кај седи‘.
Нејсе, тргнавме.
На седиштата ни беа оставени изјавите кои требаше да ги потпишеме, како што ни кажаа, пред да влеземе во авионот. Во авионот галама, џагор, како на екскурзија во 8 одделение. Стјуардесата никој не ја слуша. Вика телефоните на airplane mode, еден дечко напред си прави video call. Дечкото до мене извади шише ракија, си се напи и го подаде на другар му во редот пред него, па после позади него. Во време на пандемија си делеа исто шише ракија. За дезинфекција де.
Пијанката продолжи во авион додека не го завршија шишето, сето тоа пред очите на стујардесите. Во секоја нормална земја, ваквите личности ќе беа казнети за нарушување на јавен ред и мир. Слетавме околу 19:10. Бевме поделени во 8 автобуси. Стујардесите ни ги читаа имињата и луѓето еден по еден излегуваа. Кога ги прашавме полицајците каде не носат, враќаа дрско и безобразно како да сме криминалци. Можеби и сме, што се вративме дома. Знам дека има и ќе има коментари од типот на ‘Па што баравте да се враќате, ќе не заразите, Македонија не ви чинеше, а сега доаѓате’ итн. но небитно. Секој со својата причина и совест. Сето ова траеше до 21h кога конечно тргнавме. Читам на сајтот на Влада пишува дека сме знаеле колку ќе чини летот пред да влеземе во авион (отприлика чартер летовите биле по 32 000€ вкупно делено на број на патници) и пред да се симнеме веќе сме знаеле каде ќе не носат.
Не е точно! Ни едното, ни другото.
Единствено на изјавата која ја потпишавме стоеше вкупната сума на летот (42 500€), и сметката на која треба да се уплати во рок од 15 дена, (што уште не ми е јасно како, кога 15дена ќе бидеме во карантин?! ), но никаде точната сума по човек. Дури по половина час во автобус возачот ни кажа дека не носи во Гевгелија, кога веќе и сами на мапите можевме да претпоставиме во кој правец сме тргнати. Тензијата уште толку порасна. После 13 часа патешествија, нејадени, со по едно шише вода цел ден (кој имаше да си купи), уште минимум 2 часа возење до Гевгелија. Кој ги правел списоците не знам…
Луѓе од Скопје во Гевгелија, луѓе од внатрешноста во Скопје. Дете од 7 години подобро ќе го смислеше сево ова. Стигнавме околу 23h – 2 автобуси со полициска придружба. Хотел Фламинго. Одлично. Можеше далеку полошо. Додека се сместивме помина полноќ. Бевме прегледани од епидемиолози, но не и тестирани како што кажуваат на пресовите – дека секој кој е вратен ќе биде тестиран при влез, и повторно по 15 дена за да се потврди резултатот. Ни измерија температура. Тогаш и никогаш повеќе.
Голем дел од патниците не им беше јасно што потпишале. Карантинот го сфатиле како екскурзија во 8мо па ај ќе се шетаме низ хотелот и ќе си одиме од соба во соба. Ама изгледа и државата карантинот не го сфатила како што треба. Наместо да биде секој сам сместен, во целосна самоизолација, евентуално заедно доколу тие двајца секако биле цело време заедно до доаѓањето, нас не сместија во соби по двајца, со луѓе со кои сме се запознале пред 2 минути, без притоа да знаеме кој е заразен кој не. И да не си, ако другиот е, тогаш џабе ти е пазење. Ти си колатерална штета.
Ајде тоа некако го голтнавме – многу луѓе сме, ќе требаат многу соби за секој да е сам, ќе се пазиме максимално. Се погодив со една жена од Скопје, и ни беше даден еден од апартманите – дневна, трпезарија, балкон, џакузи и еден брачен кревет. ЕДЕН КРЕВЕТ! Во било кои други услови, апартман би било премија, но не и во време на пандемија. Тие што ме знаете, знаете колку патувам и дека се додека имам чист кревет и вц апсолутно не ме интересира каде сум сместена и кои други предности ги има хотелот.
Но еден брачен кревет во кој очекуваа да спиеме луѓе кои не се знаеме меѓу себе, кој каде бил, и дали е заразен во време кога на тв секој ден по 100 пати кажуваат за изолација и социјална дистанца е виц. Ама од оние лошите. Се побунив, ми рекоа сите соби се такви. Да бев човек кој нема стапнато во хотел може и ќе поверував. Побарав ми дадат постелнина, или барем само јорган за покривање, ќе спијам на каучот во дневната, небитно. Се што требаше е да земат од друга соба и да ми донесат. Не успеа. На крај, не преместија во друга соба. Двокреветна. Конечно добивме барем сопствен кревет. Срце на место. Кога побарав маска од епидемиологот, ми рече дека не ми треба. Што ако сме биле две во соба и не се знаеме, сме биле заедно во автобус и во авион, ќе бидеме заедно уште 2 недели па ќе видиме…
После цел ден хорори, главата ми чуреше. Не можев да се смирам. Што од тоа што го видов, што од односот, што од што не можев да испроцесирам како е возможно толкава неорганизираност.
Хотелот е одличен. Јадење имаме 3 пати дневно, ни го носат до пред врата. Вкусно е. Ни дадоа листи со избор од 2 јадења за ручек и вечера за цела недела, да избереме што сакаме. Менаџерката исконтактира со секој од нас. Прељубезна е. Што и да ни треба да и кажеме. Побаравме средства за дезинфекција. Ни испрати. Полицајците во хотелот се фини и се однесуваат спрема нас како спрема луѓе. Се е во ред. Знаејќи ја државава, можеше да биде полошо. Многу полошо.
Карантинот е неопходен. За наше добро е. На оние што се пијанчеа по аеродроми и во авион се дереа ‘Да живее короната’ не можеш да им кажеш да седат изолирани дома и да немаат никаков контакт и да очекуваш да те послушаат. Едноставно нема. Не разбираат. Немам проблем со карантинот. Бев 2 недели сама во хотелска соба во Љубљана, излегов само 3 пати до маркет. Ќе издржам уште 2 недели без проблем. Пријатно ми е сама со себе. Она што не е воопшто пријатно беше денот завчера и целото малтретирање и нервози поради лошата организација од страна на државата, информациите кои ги добивавме преку пресовите, а кои во стварност се покажаа како сосема невистини, како и односот на полицијата како да пристигнаа најголемите криминалци. И тоа, е она што е недопустливо.

Long post but here it goes…Се вратив со хуманитарниот лет од Загреб до Скопје на 27.03.2020. Како за Светски ден на…

Posted by Virginija Risteska on Sunday, March 29, 2020

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.