Цените на пченицата паднаа на најниско ниво од септември 2020 година, поточно на 5,20 долари за бушел (27,2 кг) првенствено поради влијанието на можниот штрајк на железничарите во Канада и оптимистичките прогнози за производство во Украина.
Можноста за штрајк на железницата во Канада ги натера земјоделците однапред да ја продаваат својата пченица за да ги избегнат очекуваните проблеми со транспортот, а се очекува земјата да произведе околу 25,3 милиони тони во сезоната 2024/2025, пренесува порталот Трејдинг економикс, пренесува Политика. Американското Министерство за земјоделство ги зголеми прогнозите за украинското производство на пченица за 10,8 отсто на 21,6 милиони тони, а очекуваниот пораст на понудата дополнително ја намали цената на пченицата.
Ситуацијата во Европа не е толку добра, а според прогнозите се очекува Франција да ја има најлошата жетва во последните повеќе од 40 години. Француското производство на пченица може да падне на 25,2 милиони тони во сезоната 2024/25, што е за 27 отсто помалку од петгодишниот просек, објави неодамна аналитичката агенција Аргус, пренесува Танјуг. И покрај песимистичката перспектива во Франција и малку помалиот род во Русија, светските цени на пченицата на берзата во Чикаго се одржуваат на ниско ниво долго време, бидејќи пазарот е добро снабден со пченица од Соединетите Американски Држави.