Министерството за надворешни работи соопшти дека реагирало до Европскиот парламент за употребата на придавката „северномакедонски“ и дека грешката е веќе отстранета од веб страницата на Европарламентот.
– Министерството за надворешни работи на Република Северна Македонија континуирано укажува на точната употреба на уставното име на државата и државјанството на граѓаните на Северна Македонија. Како што сме реагирале соодветно до сите меѓународни медиуми, етнитети итн., кои погрешно употребиле било кој од наведените термини, така реагиравме и до Европскиот парламент за конкретниот случај, барајќи коректна употреба на овие термини, согласно Уставот и личната карта на земјата во Обединетите Нации. Дополнително, би сакале да потврдиме дека по нашата реакција грешката беше веднаш корегирана, посочуваат од МНР.
На веб страницата на Европскиот парламент, вчера, беше објавен документ во кој се анализира евроинтегративниот пат на земјава и Договорот од Преспа, а владата беше наречена „северномакедонска“.
Според Преспанскиот договор, придавката во однос на државата, нејзините службени органи и други јавни институции треба да биде во согласност со официјалното име на државата и да гласи „на Република Северна Македонија“ или „на Северна Македонија“.