Од утре, Државната изборна комисија, додека трае собирањето потписи, еднаш дневно ќе прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител поединечно и истиот редовно ќе се ажурира
По првиот ден од собирањето граѓански потписи за кандидатура за шеф на државата ниту еден од кандидатите ги нема собрано потребните 10 илјади.
Според податоците од Државната изборна комисија (ДИК), вчера на првиот ден од отпочнувањето со собирање потписи, најмногу собрал кандидатот на ДУИ, Бујар Османи и тоа 3 261 потпис. По него се Максим Димитриевски од ЗНАМ-за наша Македонија со 1 594 и кандидатката поддржана од Левица, Билјана Ванковска Цветковска со 1 105 потписи.
Од ДИК велат дека заклучно со вчерашниот ден, за кандидатот на ГРОМ, Стевчо Јакимовски потписи дале 658 граѓани, за Вело Марковски 98, за Ѓорѓи Манасков 21, додека за Арбен Таравари имало само еден потпис.
Државната изборна комисија, во деновите додека трае собирањето потписи, еднаш дневно ќе прави пресек на пристигнатиот број на потписи за секој подносител поединечно и истиот редовно ќе се ажурира.
„Од утре, 25 февруари 2024 година, Државната изборна комисија на својата веб страница, секојдневно ќе информира за бројот на собрани потписи за секој од подносителите на иницијатива за кандидат за претседател на Република Северна Македонија. Моментално, во подрачните одделенија и канцеларии на Државната изборна комисија, единаесет подносители на иницијативи за кандидирање за претседател на државата собираат потписи за кандидати“,
информираат од ДИК.
Постапката за собирање потписи, која почна вчера ќе трае непрекинато секој ден од 8 до 20 часот, а последниот ден на 8 март ќе работат до 24 часот. Собирањето потписи се одвива во сите подрачни одделенија и канцеларии на ДИК сместени во седиштата на 34 локални самоуправи и пред надлежните нотари.
Кога подносител на листа на кандидат за претседател е група избирачи, потребно е да се соберат најмалку 10 илјади потписи од запишаните избирачи во Избирачкиот список, додека кога подносител на листа на кандидат за претседател се пратеници, потребно е да се соберат најмалку 30 потписи од пратениците.
Учесниците на изборите, листите со кандидати за претседател на државата треба да ги достават до ДИК најдоцна до 19 март, на полноќ. Рокот за собирање потписи се однесува и за претседателските и за парламентарните избори. Претседателските избори се закажани за 24 април, а вториот круг е на 8 мај кога треба да се одржат и парламентарните избори.