Рецепт и видео презентација на Силвана од Силванина кујна. Вкусен и лесен колач од бело чоколадо и пишкоти кој се подготвува за многу кратко време без печење. Превкусен е, а толку е лесен за подготовка што можат да го подготват и оние кои не се најдобри во кујната.
Идеален е доколку многу ви се јаде благо или за ненајавените гости. Одлично се комбинира со кафе, а верувајте раката ќе ви посегне по уште едно парче штом ја пробате оваа торта.
Потребни состојки: 1 л млеко, 3 пудинзи од ванила, 6 супени лажици шеќер, 150 г слатка павлака, 200 г путер или маргарин, пишкоти, 200 мл млеко, пола ќесичка ванилин шеќер. За прелив: 100 г бело чоколадо, 50 мл млеко, 50 мл масло или растопен путер.
Подготовка: Во тенџере ставете го млекото и додадете ги трите пудинзи од ванила. Гответе го пудингот на средна температура со постојано мешење додека да стане густ. Откога ќе ја добиете посакуваната густина, ставете го пудингот на страна покриен со проѕирна фолија да се излади, а истовремено да не фати кора.
Во друг сад изматете ја слатката павлака со миксер додека добие форма на шлаг. Во друг сад изматете 200 г ладен путер или маргарин исто како што ја матевте слатката павлака. Путерот или маргаринот треба да добие кремозна структура. Потоа половина од смесата со пудинг додадете ја во разматениот путер и продолжете да мешате со миксер.
Откога ќе се соединат двете состојки додадете ја и другата половина и продолжете со мешање. Вака подготвената смеса соединете ја со претходно изматената слатка павлака и измешајте со миксер за последен пат додека да добиете кремаста смеса.
Во подлабок сад ставете 200 мл млако млеко и во него измешајте пола ќесичка ванилин шеќер. Во тава со обрач (24×24) обложена со хартија, почнете да ги редите пишкотите кои претходно ќе ги потопите во млекото. Редете ги пишкотите хоризонтално по целата површина на тавата.
На веќе поставениот ред пишкоти ставете половина од кремастата смеса низ целата површина на тавата и убаво измазнете. Потоа наредете уште еден ред пишкоти исто како и претходно. Со другата половина од смесата полијте низ површината на тавата и повторно убаво измазнете. На крајот подгответе го преливот од бело чоколадо.
Во сад на пареа ставете го белото чокаладо, млекото и маслото или путерот. Мешајте постојано сè додека чоколадото се растопи и добиете прекрасен топол прелив од бело чоколадо. Преливот полијте го врз тортата и еднакво распоредете го на сите страни.
Оставете тортата да се излади 4 – 5 часа во фрижидер, а потоа послужете со омиленото кафе. Доколку немате пишкоти може да употребите плазма или бисквити, што исто така ќе добиете прекрасен и неодолив вкус.