Според украинскиот претседател, на состанокот со македонскиот претседател ја истакнал важноста на учеството на Северна Македонија во спроведувањето на Формулата за мир и подготовката за првиот Глобален самит за мир во Швајцарија
„Ве изморивме со сите овие состаноци“, му рече денеска претседателот Стево Пендаровски на украинскиот претседател Володимир Зеленски при нивното поздравување на почетокот на заедничката средба во Тирана во рамките на самитот Украина – Југоисточна Европа.
I met with North Macedonia’s President @SPendarovski and expressed gratitude for all of the political support and clear stance on Ukraine’s future in NATO.
I informed President Pendarovski of the current battlefield situation and Ukraine’s defense needs.
I emphasized the… pic.twitter.com/Sc3R8Hp1Yu
— Volodymyr Zelenskyy / Володимир Зеленський (@ZelenskyyUa) February 28, 2024
Видео од средбата со Пендаровски, Зеленски вечерва сподели на својот профил на социјалната мрежа Икс, во кое се претставени кратки делови од нивниот разговор во кои се слуша дека двајцата претседатели разговараат за можноста за формирање центар за рехабилитација за ранетите украински војници и украинските деца со помош на балканските држави.
Во видеото Пендаровски пред Зеленски го посочува претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, и му објаснува дека тие имаат искуство од војната која се водела таму пред повеќе од 25 години.
Пендаровски на Зеленски му објаснува дека сите држави од овој дел од Балканот географски се наоѓаат една до друга.
Зеленски обраќајќи им се на неговите соработници потврдно им посочува дека овие држави се наоѓаат блиску до Украина во однос на транспортот на ранетите украински војници.
Зеленски на Икс напиша дека се сретнал со претседателот на Северна Македонија, Пендаровски на кого му изразил благодарност за целата политичка поддршка и јасниот став за иднината на Украина во НАТО.
„Го информирав претседателот Пендаровски за моменталната ситуација на бојното поле и за одбранбените потреби на Украина“,
напиша Зеленски на Икс.
Според украинскиот претседател, на состанокот со македонскиот претседател ја истакнал важноста на учеството на Северна Македонија во спроведувањето на Формулата за мир и подготовката за првиот Глобален самит за мир во Швајцарија.
И кабинетот на Пендаровски попладнево соопшти за средбата на двајцата претседатели, како и дека разговарале за последниот развој на случувањата во Украина и можностите за продлабочување на соработката во насока на поддршка на украинскиот народ и враќање на територијалниот интегритет на Украина во рамките на нејзините меѓународно признаени граници.
Пендаровски ја поздравил одлуката на Европскиот совет за отворање на преговори за членство на Украина во ЕУ.
„Пендаровски истакна дека Северна Македонија, како земја-членка на НАТО, останува посветена на политиката на отворени врати и ја поддржува апликацијата на Украина за членство во Алијансата“,
соопштија од кабинетот на Пендаровски.