Кинескиот претседател Си Џинпинг за време на неговиот прв разговор со новиот премиер на Велика Британија, Кир Стармер, изрази надеж дека двете земји ќе постигнат „заеднички победи“, јави кинеската државна телевизија ЦЦТВ.
Телефонскиот разговор меѓу двајцата лидери се одржа денеска, на иницијатива на Кир Стармер, информира ЦЦТВ додавајќи дека Си му честитал на својот британски колега за премиерската функција на која стапи минатиот месец.
– Кина сака да воспостави еднаков дијалог со Обединетото Кралство, заснован на взаемно почитување (…) и да ја прошири соработката меѓу двете земји на полето на финансиите, зелената економија, вештачката интелигенција итн., рекол Си.
Пекинг има за цел да осигура дека „взаемните придобивки и заедничките победи ја формираат основата на односите“ меѓу Кина и Велика Британија, додаде тој.
Даунинг стрит соопшти дека Стармер рекол оти се надева на „отворени и искрени дискусии“ со Си за прашања кои создаваат тензии меѓу Лондон и Пекинг, „како што се Хонг Конг, војната на Русија против Украина и човековите права“.
Кина беше петти најголем трговски партнер на Велика Британија во 2023 година.
Дипломатските односи меѓу двете земји значително се влошија во текот на изминатата деценија, особено поради зајакнатата контрола на Пекинг врз поранешната британска колонија Хонг Конг.