Нивни претставници попладнево остварија средба со министерот за здравство Илир Демири, заменик-министерката Маја Манолева и Ана Данева Маркова, советничка на премиерот за здравствени прашања. На средбата одржана во Владата им било кажано дека во однос на нивните барања за зголемување на намостоците ќе има информација во писмена форма по утрешната владина седница
Штрајкот на приватните специјалнизанти ќе продолжи и утре, а колку долго ќе трае ќе зависи од утрешниот одговор од Министерството за здравство во врска со нивното барање за раст на платите и регулирање на статусот.
„Штрајкот ќе продолжи и во текот на утрешниот ден, сѐ додека Министерството за здравство после утрешната седница на Влада не излезе со официјален став и соопштение. Врз основа на одговорот од Министерството за здравство, приватните специјализанти ќе одлучат за своите понатамошни чекори“,
информираат приватните специјализанти во објава на Фејсбук.
Претставници на приватните специјализанти попладнево остварија средба со министерот за здравство Илир Демири, заменик-министерката Маја Манолева и Ана Данева Маркова, советничка на премиерот за здравствени прашања. На средбата одржана во Владата им било кажано дека во однос на нивните барања за зголемување на намостоците ќе има информација во писмена форма по утрешната владина седница.
Повеќе од 400 приватни специјализанти од утринава стапија во генерален штрајк и од Министерството за здравство и од Владата побараа писмена гаранција дека нивните барања за покачување на месечниот надоместок, плаќање здравствено осигурување и решавање на нивниот статус ќе бидат исполнети. Во спротивно, најавија дека ќе го продолжат штрајкот на кој, како што кажаа, се решиле поради недостаток од слух од институциите.
Министерот за здравство Илир Демири денеска кажа дека ги поддржува барањата на приватните специјализанти за зголемување на надоместокот што го земаат месечно, како и за тоа дека треба да добијат здравствено осигурување, но, сепак, од нив побара трпение да поминат изборите, па потоа да ги решаваат проблемите.