Според генералниот секретар на НАТО, рускиот претседател Владимир Путин ја започнал војната со цел „да ја затвори вратата на НАТО и да го ускрати правото на Украина да го избере својот пат“, но го постигнал спротивното
На денешното одбележување две години откако руските тенкови влегоа на украинска територија и ја започна најголемата војна во Европа по Втората светска војна, ситуацијата на бојното поле останува исклучително сериозна, а целта на претседателот на Русија, Владимир Путин да доминира во Украина не е променета и нема индиции дека се подготвува за мир, порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг.
„Украина повторно и повторно покажува извонредна способност и жестока решителност. Украина не пропадна за неколку недели, како што многумина стравуваа дека ќе се случи. Повторно зазеде половина од територијата што ја освои Русија. Ја потисна Русија од големи делови на Црното Море и им нанесе големи загуби на руските сили“,
наведе Столтенберг во изјавата.
Според него, Путин ја започнал оваа војна со цел „да ја затвори вратата на НАТО и да го ускрати правото на Украина да го избере својот пат“, но го постигнал спротивното.
„Украина сега е поблиску до НАТО од кога било… Украина ќе влезе во НАТО. Не е прашање дали, туку кога. Додека ве подготвуваме за тој ден, НАТО ќе продолжи да стои со Украина. За вашата и за нашата безбедност“,
потенцираше Столтенберг.
Тој нагласи дека Украина успеа да ја зачува својата слобода и независност, благодарение на храброста и решителноста на нејзиниот народ, но и на големата воена и економска поддршка на сојузниците од НАТО.
„Само во изминативе денови и недели, сојузниците од НАТО најавија нови пакети помош во вредност од милијарди долари. Тие ги покриваат клучните капацитети, како артилериска муниција, противвоздушна одбрана и борбени чамци, но и опрема и резервни делови за (авионите) Ф-16, беспилотни летала и опрема за деминирање. Следува поголема поддршка“,
додаде Столтенберг во пораката по повод втората годишнина од почетокот на руската агресија врз Украина.
Руските сили ја нападнаа Украина на 24 февруари 2022 година, започнувајќи ја најголемата воена офанзива во Европа по Втората светска војна, што резултираше со најмалку 10.000 цивилни и стотици илјади воени жртви, 3,6 милиони внатрешно раселени лица и 6,3 милиони украински бегалци во други земји, најмногу од нив пребегани во Германија.