Разбиена е организирана криминална група која подолг период продавала кокаин, амфетамин и марихуана на подрачјата на Штип, Кочани, Виница и Берово, а притоа имала логистичка поддршка од полициски службеник од ОВР Берово, кој им помагал со давање информации – информира МВР.
Биле извршени претреси на 8 локации, уапсени се 8 лица, а при претресите е откриена и запленета поголема количина разни дроги, како марихуана, амфетамини, кокаин.
„Во текот на криминалистичкото истражување во април и мај 2023 година веќе биле обезбедени докази и биле запленети марихуана и амфетамин за што кривично се процесуирани две лица во Скопје и едно во Виница, кои издржуваат мерка притвор.
Инаку, вчера со судска наредба биле извршени претреси на осум локации на наведените подрачја. Кај лицето Б.И.(38) од с.Грдовци биле пронајдени околу 10 килограми марихуана, амфетамин, дигитална вага, повеќе мобилни телефони и патничко возило кое го користеле за препродавањето на дрогата. Кај лицето Н.Ј.(49) од с.Чифлик била пронајдена марихуана. Кај К.М.(37) од Кочани била пронајдена марихуана и мобилни телефони.
Претреси биле извршени и кај лицата К.К.(44) од с.Чифлик, Г.А.(43) од Виница, Х.М.(22) од с.Банско и С.П.(35), кај кого биле пронајдени марихуана, кокаин и дигитална вага. Исто така, во координација со Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди, бил извршен претрес и во домот на полицискиот службеник А.К.(38) од Берово и биле одземени три мобилни телефони и два компјутери. Лицата се лишени од слобода и во координација со јавен обвинител против нив ќе бидат поднесени соодветни кривични пријави“ – информира МВР.
Координираната заедничка акција е спроведена вчера во утринските часови, а во неа учествувале полициски службеници од Одделот за криминалистичка полиција – Сектор за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи – Единица за недозволена трговија со дрога, Специјалната антитерористичка единица Тигар, СВР Штип, ОВР Кочани, ОВР Берово и СВР Струмица.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.