Легендарниот италијански стручњак Клаудио Раниери многу веројатно по трет пат во кариерата ќе седне на клупата на Рома.
Медиумите на Апенинскиот полуостров тврдат дека тој синоќа бил на состанок со раководството на клубот и во моментов се договараат детали за неговото враќање на Олимпико. Приказната не би била чудна ако не се знае дека на крајот од минатата сезона, откако го спаси Каљари од испаѓање, тој објави крај на својата тренерска кариера, со оглед на тоа што има 73 години и сметаше дека му е доста од фудбалот. Рома е без тренер откако во неделата го отпушти Иван Јуриќ по серијата лоши резултати.
Раниери во Рома ја почна својата играчка кариера, далечната 1973 година, а потоа во двата наврата ја водеше екипата како тренер. Првпат на клупата на римскиот клуб седна на 2 септември 2009 и остана до 20 февруари 2011, а вториот беше од март до мај 2019 година.