Самостојна изложба на ликовниот уметник Синиша Новески во Република Хрватска


Самостојна изложба на ликовниот уметник Синиша Новески во Република Хрватска

Во Културно информативниот центар на Република Северна Македонија во Загреб, на 23 мај ќе се реализира самостојната изложба на уметникот Синиша Новески насловена „Мистерија и индивидуализам“. Изложбата се реализира со поддршка на Министерството за култура.

Во изложбениот простор на информативниот центар ќе бидат претставени 12 скулптури, а на официјалното отворање на изложбата кое е закажано за 20 часот ќе се обрати проф. д-р Милаим Фетаи, вонреден и ополномоштен амбасадор на Република Северена Македонија во Република Хрватска, Наталија Поповска, директорката на Културно информативниот центар во Загреб, проф. д-р. Дита Старова Ќерими, директорка на Националната галерија и Маја Крстевска, виш кустос во Националната галерија. За хрватска публика, припадниците на македонската дијаспора и сите останати љубители на уметноста изложбата ќе биде достапна до 30 мај 2024 година. Оваа изложба го надополнува богатиот каледнар на настани во 2024 година во доменот на културната дипломатија на Националната галерија. Ја потврдуваме одличната соработка со Република Хрватска давајки придонес кон македонско-хрватските културни односи.

Голем број на скулптури на Синиша Новески се изложени во јавен простор и се дел од приватни колекции во Р. Северна Македонија, Србија, Бугарија и Соединетите Американски Држави.

Излагал на повеќе од дваесет самостојни изложби и на повеќе од 30 групни изложби. Член е на Друштвото на ликовни уметници на Македонија, актуелен член во Уметничкиот совет, како и на Друштвото на ликовни уметници на Србија. Има учествувано на повеќе од десет ликовни колонии и симпозиуми, освоил исто толку награди како за сопственото уметничко творештво, така и за менторско педагошко работење со студенти.

Пронајдете не на следниве мрежи: