Овој интересен спој на вкусови дефинитивно не е за сечие непце, но е наменет за оние кои сакаат да експериментираат. И секако, оние кои обожаваат сладолед не би имале ништо против да го вкусат ова ледено, летно уживање.
Главните две состојки се лимон и лаванда, вкусот е неверојатно освежителен, а изгледот е сосема друга приказна…
Потребни состојки:
1 + ½ шолја полномасно млеко
1 шолја шеќер
5 жолчки
Прстофат сол
½ шолја слатка павлака за готвење
¾ сок од грозје (без додатен шеќер)
Сок од 2 лимони
3 капки есенцијално масло од лаванда
Sladoled-od-lavanda-i-limon-(2).jpg
Начин на подготовка:
1. Загрејте на оган 1 шолја млеко со прстофат сол и полека додавајте го шеќерот со постојано мешање додека не се стопи.
2. Во подлабок сад изматете ги жолчките. Земете малку од стопленото млеко и добро измешајте ја оваа смеса. Полека започнете да ја додавате во тенџерето каде што е останатиот дел од зашеќереното млеко. Постојано мешајте на тивка кон средна температура додека кремот не почне да пушта меурчиња и не се згусне.
3. Тргнете го од оган и оставете го некоја минутка. Префрлете во друг, чист, подлабок сад и додадете го преостанатиот дел од млекото (половина шолја), слатката павлака, сокот од грозје + оној од лимон и 3 капки масло од лаванда.
4. Ставете го сладоледот во замрзнувач најмалку 6 часа. Декорирајте по желба во корнет или чаша со гранчиња лаванда.