Совети за возачи: Што не смеете да правите во услови на магла?

Појавата на магла се карактеризира со намалена видливост на патот, што ја намалува ориентацијата во просторот, возачот има погрешна проценка за оддалеченоста со другите возила, а поради изразената влага во атмосферата доаѓа до лош контакт на гумите со подлогата. Видливоста на патот, пак, е условена од густината на маглата, замаглувањето и наросувањето на ветробранското стакло, како и од распрскувањето на светлосните зраци од сопственото возило и од возилата кои доаѓаат од спротивен правец.
Ваквите услови и временски прилики од возачите бараат посебна внимателност и прилагодена брзина на возење. Токму затоа е многу важно да не заборавате дека возењето во услови на магла многу се разликува од возењето во вообичаени услови на патот. Без разлика на вашето возачко искуство, тоа подразбира исклучителна внимателност кога се приклучувате во сообраќај, за ваша лична безбедност, но и за безбедноста на останатите учесници во сообраќајот.
Ви наведуваме неколку потези што не смеете да ги правите како возач во услови на магла
Не се ориентирајте по задните светла на возилото пред вас


Опасно е да се ориентирате по задните светла на возилото пред вас, бидејќи во случај на густа магла тоа значи дека не го почитувате правилото за безбедно растојание. Колку изнесува безбедното растојание од возилото пред вас? Тоа е растојанието што го минувате со автомобилот при моментната брзина, за време од две секунди.
Ако видливоста е многу влошена, намалете ја брзината и вклучете ги задните светлата за магла. Не го правете тоа во случај на блага магла бидејќи така само ги заслепувате возачите зад вас. Пожелно е да ги вклучите и предните светла за во случај на магла кои се корисни и во случаи на силен дожд или снег. Во случај на радикално намалување на брзината, вклучете ги сите четири трепкачи.
Во случај на магла користете ги кратките светла бидејќи маглата делува како огледало и долгите светла може да ве заслепат.
Не возете со вообичаената брзина
Ако вообичаениот пат го возите секогаш со истата брзина (дозволена за на тој пат), во услови на магла не важат истите правила. Брзината на движење прилагодете ја пропорционално со намалената видливост на патот, односно возете со брзина со која ќе можете да застанете пред која било препрека што ќе ја забележите.


Не забрзувајте нагло и не успорувајте нагло, не правете нагли промени на правецот на движење и најважно: не кочете нагло!
Никогаш не паркирајте на пат во услови на магла
Избегнувајте да престигнувате и да запирате на отворен пат, особено во услови на магла. Ако запирањето е неопходно, поставете соодветна сигнализација за одбележување на возилото. Сигнализацијата поставете ја на поголемо растојание од она на кое би ја поставиле во нормални услови.
Ако учествувате во сообраќајна незгода во услови на густа магла а притоа не ви се вклучени светлата за магла тоа може да влијае на вашата можност да ги искористите вашите права од осигурувањето на возилото.
Не тргнувајте на пат освен ако не е навистина неопходно
Доколку не постојат услови за безбедно одвивање на сообраќајот едноставно прекинете го патувањето или одложете го за друг пат кога ќе постојат соодветни услови. Маглата обично се спушта рано наутро и навечер, особено околу областа во близина на реките и езерата. Значи, ако можете да изберете, обидете се да избегнете возење во тоа време од денот.
Не ги потценувајте условите на патот
Кога е многу студено и маглата се спушта, сметајте на тоа дека маглата лесно и многу брзо замрзнува на патот, така што за само еден момент површината може да стане многу лизгава. Затоа, кога возите по магла и лизгави патишта, управувајте го возилото без ненадејни и избрзани движења.
Не го чепкајте телефонот
Ова не е препорачливо однесување зад воланот и во идеални услови, но во услови на магла возењето бара уште поголема концентрација и внимание. Значи, телефонот користете го само за итни повици и тоа со hands free опција, не читајте и пишувајте пораки, не гледајте видеа, не скролајте на социјалните мрежи. Сето тоа може да почека до завршувањето на вашето патување.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.