Среде Менхетн во Њујорк: Директор на голема компанија застрелан на улица

Шефот на американската компанија за здравствено осигурување „ЈунајтедХелткер“, Брајан Томпсон, е убиен на улица во Њујорк. Педесетгодишниот Томпсон е застрелан во градите околу седум часот по локално време пред хотелот „Хилтон“ во Менхетн, каде што требало да биде говорник на конференција.

Томпсон бил превезен во болница, каде што бил прогласен за мртов, кажаа властите.

Напаѓачот избегал од местото на пукањето и по него се трага. Тој го чекал надвор, а носел скијачка маска и крем јакна, објави полицијата на Њујорк.

Истражителите кажаа дека има видеоснимки од нападот, но мотивот засега не е познат, додавајќи дека од убиениот ништо не било одземено.

Томпсон беше назначен за извршен директор на „ЈунајтедХелткер“ во 2021 и имал годишна плата од 10,2 милиони долари. „ЈунајтедХелткер“ е најголемата приватна осигурителна компанија во САД и најголема за здравствено осигурување во светот.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.