Оттаму велат дека Судскиот совет и во наредниот период останува на заложбата за независна и самостојна судска власт и секогаш кога во ситуација ќе бидат нарушени овие постулати ќе дејствува за нивна заштита
Судскиот совет со иницијатива до Уставниот суд ги оспори одредбите од измените на два од шесте закони изгласани во Собранието минатата недела, а со кои се стопира растот на платите на избраните и именуваните функционери, категорија во која спаѓаат и судиите и членовите на Судскиот совет.
Иницијативата на Советот се однесува на измените на Законот за изменување на платите на судиите и на Законот за платите на членовите на Судскиот совет, соопштија денеска од Советот.
„Поаѓајќи од својата уставна положба и законски надлежности, Судскиот совет на Република Северна Македонија како самостоен и независен орган на судството и како орган кој е должен да ја обезбедува и да ја гарантира самостојноста и независноста на судската власт поднесе иницијатива за оценување на уставноста и законитоста до Уставниот суд на Република Северна Македонија со која се оспоруваат одредбите од Законот за изменување на Законот за платите на судиите и Законот за изменување на Законот за платите на членовите на Судскиот совет на Република Северна Македонија“,
се наведува во соопштението.
Оттаму додаваат дека Судскиот совет и во наредниот период останува на заложбата за независна и самостојна судска власт и секогаш кога во ситуација ќе бидат нарушени овие постулати ќе дејствува за нивна заштита.
Инаку, телото по чија надлежност, меѓу другото, е изборот и разрешувањето на судии и оценка на нивната работа, реагираше на измените на законите уште пред Собранието да ги донесе на 29 февруари. Реакции дојдоа од Здружението на судии и од Советот на јавни обвинители, кои исто така ги тангираат измените.
Еден ден пред да бидат донесени, од Судскиот совет, исто така согласувајќи се преку соопштение, рекоа дека законодавниот дом при донесување на законите е должен е да ги почитува Уставот и меѓународните договори кои ги ратификувал.
Законот за платите на судиите, како што посочија оттаму, е донесен во согласност со уставот и меѓународните стандарди кои се однесуваат на судството.
„Неспорно е дека постои голема разлика помеѓу платите на судиите и вработените во судството. Немаме двојба по однос на тоа дека секој вработен мора за својата работа да биде платен онолку колку што е неопходно за достоинствен живот, но тоа не може да биде причина да не реагираме. Судството како независна власт која е од витално значење за функционирање на државата од аспект на решавање на најзначајните проблеми на граѓаните, секоја година решава илјадници предмети и се грижи за владеење на правото“,
наведоа од Советот во соопштението од 28 февруари.
Сепак, следниот ден Собранието на пленарна седница ги донесе измените на шесте закони со кои се намалуваат коефициентите на платите на избраните и именуваните функционери. Со тоа, на околу 1 060 функционери, меѓу кои и шефот на државата, пратеници, министри, судии, јавни обвинители, членови на Судскиот совет и на Советот на јавни обвинители, им се стопира растот на платите, но не им се одзема покачувањето на платите од 78 отсто што пред една година го добија функционери.
Измените на Законот за платите и други надоместоци на избрани и именувани лица, Законот за пратеници, Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, Законот за плата на судиите, Законот за платите на јавните обвинители и на Законот за платите на членовите на Судскиот совет, сите по скратена постапка ги поднесоа пратениците на СДСМ и коалицијата.
Целта на измените, како што образложија, е да се спречи зголемувањето на функционерските плати кои беа зголемени за 78 проценти во март лани откако Уставниот суд ја укина фиксната основица.
Според пратениците на СДСМ и лидерот на оваа партија Димитар Ковачевски, решението со кое се намалуваат коефициентите на платите во шесте закони е уставно издржано решение.