Членовите на Советот се повикаа на членот 39 став 2 од Законот за Судскиот совет кој предвидува дека во вакви случаи членовите на ова тело со двотретинско мнозинство гласови можат да ја исклучат јавноста од следење на расправата заради заштита на угледот и интегритетот на судијата
Претседателката на Врховен, како што информираше Дамева, известила дека не може да присуствува на седницата поради активности поврзани со актуелниот случај
Едногласно, со 10 гласа „за“ членовите на Судскиот совет вечерва одлучија да ја исклучат јавноста од итната седница на која расправаат и треба да одлучат по барањето на Основниот кривичен суд Скопје за одземање на имунитетот и за притвор на судијата на Врховниот суд Наке Георгиев, кој е уапсен поради сомневања за примање поткуп.
Членовите на Советот се повикаа на членот 39 став 2 од Законот за Судскиот совет кој предвидува дека во вакви случаи членовите на ова тело со двотретинско мнозинство гласови можат да ја исклучат јавноста од следење на расправата поради заштита на угледот и интегритетот на судијата.
„Согласно член 39 став 2 од Законот за Судскиот совет на Република Северна Македонија е придвидено дека јавноста може да биде исклучена само со одлука на Советот заради заштита на угледот и интегритетот на судија или кандидат за судија, а за исклучување на јавноста од седниците Советот одлучува со двотретинско мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот со право на глас. Со оглед дека предметното барање се однесува на конкретен судија на кого може да му биде нарушен интегритетот еве отворам расправа дали некој има поинакво мислење, односно да расправаме по однос на исклучување на јавноста…Никој не бара збор и предлогот за исклучување на јавноста согласно наведената законска одредба го ставам на гласање…Констатирам дека едногласно со 10 гласа ‘за’ јавноста е исклучена“,
рече претседателката на Судскиот совет Весна Дамева.
Претходно, на почетокот на седницата пред да биде исклучена јавноста, Дамева кажа дека седницата е свикана откако во 21:45 часот од страна на Основниот кривичен суд Скопје било доставено барање за одземање на имунитет на судија, како и за одобрување на предлог за притвор.
Присутни на седницата се членовите на Судскиот совет Ханиф Зендели, Ивица Николовски, Мирсад Суроји, Миљазим Мустава, Селим Адеми, Павлина Црвенковска, и Тања Чачарова-Илиевска. Нивните колеги Сашко Герогиев и Антоанета Димовска во работата беа вклучени онлајн, преку вибер, бидејќи користат годишен одмор и се надвор од земјата.
Отстутни, пак, се претседателката на Врховниот суд, Беса Адеми и министерот за правда Кренар Лога кои се членови на Советот по функција и немаат право на глас. Претседателката на Врховен, како што информираше Дамева, известила дека не може да присуствува поради активности поврзани со актуелниот случај.
На седницата воопшто не беше присутна членката на Советот Лорета Горгиева, која барала да ѝ се обезбеди превоз, но, како што рече Дамева, Советот не бил во можност да го направи тоа во ова време.
Судијата на Врховниот суд, Наке Георгиев, како што потврдија од Министерството за внатрешни работи, бил лишен од слободна поради постоење на основи на сомнение дека сторил кривично дело примање награда за противзаконито влијание.
Според МВР, тој бил упасен на лице место при извршување на кривичното дело.
„Денеска (20.05.2024 г.) лишен од слобода е судија од Врховниот суд поради постоење на основи на сомнение за сторено кривично дело примање награда за противзаконито влијание. Судијата е лишен од слобода на лице место при извршување на кривичното дело. Се чекаат понатамашни насоки од надлежен јавен обвинител“,
информираа од МВР.
Дел од медиумите, повикувајќи се на свои извори објавија дека врховниот судија бил фатен со 10 000 евра. Тој, наводно бил пријавен од лице кое тврдело дека му бил баран поткуп во врска со судски случај. Наводно ветувал олеснителни околности во случајот против поранешниот градоначалник на Ново Село, Боро Стојчев поврзан со трговија со марихуана.
Инаку, врховниот судија Георгиев кратко беше член на Судскиот совет, но лани во јули си поднесе оставка од оваа функција пред официјално да даде заклетва за да може неговиот син да биде избран за судија во Основниот кривичен суд Скопје, како завршен кандидат на Акдемијата за судии и јавни обвинители.
Изборот на Наке Георгиев за член на Судскиот совет беше проследен со контроверзии. Имено, против него се водеше постапка за утврдување одговорност во периодот кога тој беше претседател на Апелацискиот суд во Штип. Меѓутоа, еден ден пред да биде утврдена листата на кандидати за членови на Судскиот совет, на затворен дел од седница, Советот реши да ја запре постапката против Георгиев откако предметот за него беше држен во фиока неколку месеци.
За истиот случај за кој се водеше постапка против овој судија за периодот кога тој беше на чело на штипска Апелација, пак, претходно беа разрешени тројца судии.