МВР потврди дека поранешниот терорист на УЧК, Блерим Рамадани избегал од куќен притвор.
Рамадани беше уапсен на 17 јули 2024 на граничниот премин Јажинце, по потерница од Србија поради сомнежи за злосторства во војната на Косово пред 25 години, и однесен на 30 дена екстрадиционен притвор во затворот во Шутка.
Надлежниот македонски суд на 1 август му ја преиначи казната на Рамадани од „притвор“ во „куќен притвор“ и според решението тој беше испратен на адреса во Скопје, а според тоа решение требаше да остане во куќен притвор до 16 август.
Вицепремиерот и министер за внатрешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, изјави дека е скандалозно бегството на терористот и воен злосторник Блерим Рамадани од домашен притвор во Северна Македонија, соопшти тамошното министерство.
“Станува збор за припадник на терористичката ОВК кој извршил злосторства врз Србите на Косово и Метохија и кого Србија го бара за да му суди. Бараме објаснување од државните органи на Северна Македонија како е можно некој кој е уапсен по наша меѓународна потерница да побегне од домашен притвор Или меѓународната правда не важи за албанските терористи и воени злосторници, кога убиваат Срби, се е дозволено и простено“, рече Дачиќ.
Она што е интересно, е што Таравари го честиташе „ослободувањето“ на Рамадани на денот кога тој беше испратен во куќен притвор.