Тужби му се закануваат на „Hermès“ поради одбивањето да ги продава чантите Birkin


Слебеничките на најновите модни трендови кои очајнички посакувале да дојдат до чанта од брендот Birkin го тужат „Hermès“ во американската сојузна држава Калифорнија затоа што компанијата нема да им ја продаде култната чанта освен доколку прво не купат други нејзини луксузни производи.

Во колективната тужба се наведува дека потенцијалните купувачи мора да потрошат десетици илјади долари на марами, чевли и ремени, само за да добијат шанса да купат една од најбараните чанти на светот.

Една од тужителите, Тина Кавалери, вели дека се распрашувала за купување на една од посакуваните чанти од француската компанија во 2022 година.

„Неа ѝ беше кажано дека посебните чанти одат кај ‘клиентите кои доследно го поддржуваа нашиот бизнис’“, се анведува во тужбата.

Друг тужител, Марк Глинога, се обиде да купи Birkin торба минатата година, „но беше советуван од продажните соработници на обвинетиот да купи други производи за потенцијално да набави Birkin торба“.

Крајно ограничената едиција рачно изработена кожна чанта, инспирирана од покојната француско-британска актерка Џејн Биркин, стана синоним за луксуз и ексклузивност, со цени кои се движат од 10.000 до над милион долари.

Омилени меѓу познатите и славните личности, вклучувајќи ги Клои Кардашијан, Џенифер Лопез и Викторија Бекам, чантите не се изложени и не можат да се нарачаат преку интернет.

„На повеќето клиенти никогаш нема да им се покаже Birkin-ка во (некои) малопродажни салони на Hermès. Обично ќе им се покаже само на оние клиенти за кои ќе се смета дека заслужуваат да ја купат (во приватна просторија)“, се наведува во тужбата.

„Избраниот купувач ќе добие можност да ја купи специфичната чанта Birkin којашто му е покажана. Не постои наќин да ја нарачате во стил, големина, боја и кожа којашто купувачот ја сака“, се додава во документот.

Во тужбата, во која се бара неодредена отштета, се вели дека продажните соработници не добиваат провизија за чантата Birkin, туку добиваат три процента од продажбата на други производи од „Hermès“.

„Им беше наложено да ги користат чантите Birkin како начин да ги принудат клиентите да ги купат придружните производи“, се наведува во тужбата.

Во тужбата, во која се повикуваат и други да ѝ се приклучат, се вели дека практиката ги прекршува антимонополските закони, бидејќи вештачки ја надува вистинската цена на производот.

Пронајдете не на следниве мрежи: