Тренерот на Барселона, Ханзи Флик, нема поплаки за неговиот тим и има целосна доверба во клубот, увери Германецот пред првиот дуел на Каталонците во Ла Лига против Валенсија утре.
Екипата на Барселона, која минатата сезона заврши на второто место во шпанската лига зад Реал Мадрид, досега потпиша договор со офанзивниот играч за врска Дани Олмо и Пау Виктор во тековниот преоден рок.
Пред неговиот ангажман во Барселона, Флик го предводеше Баерн Минхен до две титули во Бундеслигата и по еден куп во Лигата на шампионите, Светското клупско првенство и Суперкупот.
-Среќен сум со составот што го имам, останатото е под знак прашалник. Кога го потпишав договорот знаев дека нема да биде лесно, но имам слепа верба во клубот. Задоволен сум со тимот и она што го нуди. Имаме повредени играчи кои постепено ќе се враќаат. Сè уште сме силен тим, увери Флик.
Дваесет и шест годишниот Олмо, кој и помогна на Шпанија да ја освои титулата на ЕП 2024, нема да биде достапен за натпреварот со Валенсија, откри Флик.
-Дани Олмо не е во добра физичка кондиција. Почна да тренира доцна, но ние ќе се грижиме за него. Тој нема да биде на располагање утре. Сакаме сите да бидат добро и да играат без повреди, изјави тренерот на Барселона.
Флик, исто така, рече дека 17-годишниот крилен напаѓач Ламин Јамал, чиј татко Мунир Насрауи е во „сериозна, но стабилна состојба“ откако беше избоден со нож во средата на паркинг во североисточниот шпански град Матаро, според шпанската национална ТВЕ, ќе игра против Валенсија.
Флик прокоментира и дека не очекува лесен натпревар против „лилјаците“, тим кој минатата сезона заврши на деветтото место во Ла Лига.
-Се радувам на овој прв натпревар. Валенсија е посебно место. Ќе биде тежок натпревар. Нашите противници покажаа дека играат добар, напаѓачки фудбал, мора да внимаваме на нашите линии… Ќе биде тешко, додаде германскиот тренер на Каталонците.