Хамас соопшти дека позитивно гледа на планот на Бајден за мир во Газа, Израел испрати преговарачи

Хамас вели дека е подготвен „да се вклучи позитивно и конструктивно во секој предлог“ заснован на „траен прекин на огнот“

ФОТО: EPA-EFE/HAITHAM IMAD

Палестинската милитантна група Хамас објави дека позитивно гледа на содржината на предлогот на американскиот претседател Џо Бајден за траен мир во Газа.

Планот на Бајден кој го претстави вчера предвидува шестнеделен прекин на огнот, потоа преговори за условите за траен прекин на непријателствата и голем план за обнова на Газа.

Хамас вели дека е подготвен „да се вклучи позитивно и конструктивно во секој предлог“ заснован на „траен прекин на огнот“.

„Хамас гледа позитивно на забелешките во говорот на американскиот претседател Џо Бајден и неговиот повик за траен прекин на огнот, повлекување на окупациските сили од Појасот Газа, реконструкција и размена на затвореници“,

се вели во соопштението, пренесува Ал Џезира.

Од Хамас додаваат дека сакаат „враќање на раселените во нивните домови низ Газа и завршување на сериозен договор за размена на затвореници доколку окупацијата експлицитно се обврзе на тоа“.

„Сметаме дека оваа американска позиција и регионалните и меѓународните убедувања за потребата да се стави крај на војната во Газа се резултат на легендарната непоколебливост на нашиот народ и нивниот храбар отпор“,

се вели во соопштението.

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху по објавувањето на планот на Бајден соопшти дека тој им наложил на преговарачите да презентираат предлог за прекин на огнот.

Шефот на ОН го поздрави „патоказот“ за прекин на огнот и ослободувањето на заробениците во Газа, објавени од американскиот претседател Бајден.

„Бевме сведоци на премногу страдања и уништувања во Газа. Време е да се запре. Ја поздравувам иницијативата на американскиот претседател Џо Бајден и ги охрабрувам сите страни да ја искористат оваа можност за прекин на огнот, ослободување на сите заложници, гарантиран непречен хуманитарен пристап и на крајот траен мир“,

напиша Антонио Гутереш на Икс.

Осврнувајќи се на предлогот, Бајден рече дека неговите преговарачи и претставници на разузнавачката заедница изминатите неколку месеци биле целосно фокусирани не само на прекин на огнот во Газа кој, како што додаде, неизбежно ќе биде кревок и привремен, туку на траен крај на војната.  

Според американскиот претседател, Израел понудил сеопфатен нов предлог, кој преку Катар, како посредник, му бил пренесен на Хамас.  

Тој ги повика „сите што сакаат мир сега“ да „го кренат гласот и да им кажат на своите лидери дека треба да го прифатат овој договор“. 

Пронајдете не на следниве мрежи: