Исхраната во последните неколку години ја следат голем број дилеми и контроверзии – до таа мера што повеќе не знаеме што е добро, а што не за нашиот организам.
Еве одговори на некои од тие прашања од страна на нутриционистите:
„Треба да јадеме храна со низок процент на јаглехидрати за да ослабнеме“
Треба да внесувате помалку калории отколку што ќе потрошите. Без оглед дали јадете храна со низок процент на јаглехидрати, масти или протеини, резултатот во контекст на тежината ќе биде ист. Вистина е дека на некои повеќе им одговара првата, втората или третата варијанта, затоа и постојано се зборува за важноста од индивидуализација на исхраната. Тоа не значи дека во контекст на здравјето сеедно е од каде доаѓаат калориите.
„Ако јадеме здраво, ќе бидеме фит“
Да јадете здраво не подразбира автоматски да јадете калориски урамнотежено. Можете да ја јадете најздравата храна на светот, но ако јадете премногу, ќе имате вишок килограми и ќе бидете нездрави. Можете да ја јадете најлошата, но калориски урамнотежена храна и ќе имате здрава телесна тежина, но вашето здравје ќе пати.
„Супернамирниците ќе нѝ донесат здравје“
Здравата исхрана, здравата телесна маса и физичката активност ќе го направат тоа. Супернамирниците се маркетиншки трик, а не ви требаат маркетиншки трикови за да јадете повеќе овошје и зеленчук.
„Храната е лек“
Би било убаво да се верува во тоа, но храната не лекува болести – храната превенира болести. Затоа, не чекајте да се разболите за да јадете здраво.
„Мораме да појадуваме за да бидеме здрави“
Не постои ниту еден оброк кој е поважен од останатите. Ако во текот на денот ги внесувате сите потребни хранливи материи, речиси е неважно како ќе ги распоредите се додека таквиот распоред за вас е практичен и одржлив.