Постојат неколку варијации на оваа салата, кои вклучуваат зелена салата, пилешко на скара или пржена сланина. Но, нашиот предлог-рецепт за денес е со парчиња туна.
„Цезар салата“ со туна: Детален процес на подготовка за почетници кои сакаат да готват!
Потребни состојки:
1 помала главица зелена салата
80 г туна од конзерва
малку сечкан лук
1 лажица „ворчестер“ сос
2-3 лажици сок од лимон
50 г мајонез
1 лажичка сенф
¼ лажичка сол
малку бибер
1 лажица пармезан
За крутони (коцки потпечен леб):
4 парчиња црн или бел леб
малку лук
50 мл маслиново масло
За украсување:
малку пармезан
80 г туна од конзерва
Начин на подготовка:
Поделете ја зелената салата на листови и исплакнете го секој здрав лист под млаз ладна вода, чистејќи ги наборите на листовите.
Ставете ги листовите салата на кујнска крпа и оставете ги да се исушат. Ако ги подготвите листовите однапред, не заборавајте да ги чувате во чиста кеса во фрижидерот. Во оригиналниот рецепт се користи еден посебен вид зелена салата наречена „Романа“, но секој друг вид, исто така, одговара. Во одредени рецепти, се препорачува да се користат само внатрешните листови од поголема зелена салата, 6-8 листови по порција. Остатокот чувајте го во фрижидер за другпат.
Начин на подготовка на крутоните:
Вклучете ја рерната на 175 °C. Ставете хартија за печење на плехот. Направете полнење од 50 мл маслиново масло и 2-3 лажички ситно исечкан лук. Отстранете ги трошките од парчињата леб и исечкајте го лебот на коцки, а потоа наредете ги коцките во плехот за печење.
Истурете го преливот и убаво измешајте за секоја парче леб да биде премачкано со масло.
Печете ги крутоните 10-15 минути или додека не зацрнат, промешувајќи ги барем еднаш. Процесот на печење треба да се следи, бидејќи постои мала разлика меѓу добро испечените и препечените крутони.
Начин на подготовка на салатата:
Исечете ги листовите од салатата на парчиња.
Ставете ги парчињата туна во цедалка за да се исцеди маслото во кое се конзервирани.
Оставете дел од парчињата туна во салатата, а дел зачувајте ги за украсување.
Оригиналната верзија на преливот се состои од жолчки, маслиново масло, сок од лимон и зачини. Поради ризикот од инфекција со салмонела вирус, подоцнежните верзии на салатата вклучуваат мајонез. Наместо мајонез, како полесна варијанта на прелив, може да искористите прелив од густ јогурт и маслиново масло.
Излупете го лукот и ситно исечкајте го, па додајте ја исцедената и исечкана туна, мајонезот, сенфот, сокот од лимон, солта, биберот, „ворчестер“ сосот и пармезанот. Измешајте ги состојките додека не се изедначат.
Ставете ги парчињата зелена салата во длабок сад, распоредете ги крутоните на врвот, истурете го сосот и посипете ја салатата со пармезан, додавајќи и парчиња туна.
Послужете ја веднаш затоа што зачинетата салата не треба да стои.
Креаторот на „Цезар салатата“, Кардини, ја подготвувал оваа салата во неговиот ресторан, директно на масата пред гостите.