Српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин денеска изјави дека добил информации од Европол за постоење криминална група чија цел е атентат врз српскиот претседател Александар Вучиќ.
Откако добивме официјална информација преку Европол, на 14 јануари под ознаката „итно“ од земја-членка на Европската унија, Министерството за внатрешни работи на Србија беше официјално известено за постоењето оперативни информации за организиран криминална група што има за цел да го убие српскиот претседател Александар Вучиќ, изјави Вулин.
Тој наведе дека припадници на полицијата и претставници на Европол покренале акција за откривање на идентитетот на сите членови на таа организација и дека дознале дека на чело е црногорскиот државјанин Радоје Звицер – по кого Србија веќе распишала потерница.
Вулин рече дека истрагата ќе утврди дали Звицер по своја иницијатива ја собрал групата да го убие Вучиќ или добил наредба од „неговиот политички шеф“.
Безбедносните служби од регионот, предводени од српски оперативци , го лоцираа Радоје Звицер, наводниот водач на „Кавачкиот клан“, во една од земјите во Јужна Америка, објави неодамна српскиот весник Новости.
Како што пишува „Новости“, тој постојано го менува своето место на живеење, па дури и земјите од овој дел на светот, за да избега од потерата, но полицијата практично му дише во врат.
Информациите се разменуваат дење и ноќе преку националните бироа на Интерпол, по издавањето на меѓународна „црвена потерница“, а во меѓувреме и Црна Гора се вклучи во потрагата по него.
– Тој користи лажни документи за движење низ Латинска Америка, но таму го чуваат и наркобосови – наведува изворот за „Новости“.
– Според информациите што ги имаме, има фалсификувани документи од Северна Македонија, Хрватска и Украина. Без оглед на поврзаноста со картелите за кокаин, неговото апсење е прашање на денови, се вели во гласилото.
Минатата година опозициската ВМРО-ДПМНЕ објави афера Мафија според која МВР со знаење на премиерот издавала пасоши на сомнителни ликови од балканското подземје.
Звицер е, според оперативните информации на европската полиција, еден од главните снабдувачи на кокаин на Стариот континент.