Се споредувате со другите? Со кого и зошто? Кое е вашето мерило за тоа што е океј, а што не? И на крај, што ви носи тоа? Од каде произлегуваа таа потреба за рангирање? И како навистина знаеме дали на некој му е подобро или полошо од нас?
А да не зборуваме за другата страна и верувањето дека треба да се стремиме кон просечноста. Зошто? Кој ги поставил правилата? И што воопшто е нормално? Она што најчесто се гледа и среќава? Па и не би рекла.
Ако тоа беше вистина, сите ќе се родевме идентични и така и ќе живеевме. Не би било создадени вакви, сосема различни, секој посебен на свој начин, човек сам за себе. Па сите имаме и различни отисоци на прстите! Зарем тоа не е доказ дека и природата сакала да ни каже дека сите сме поинакви, оригинални самите по и за себе? Дека не постојат двајца исти луѓе на светов?
Мислам дека има причина поради која сме родени уникатни. И дека тоа споредување со другите нѐ оттуѓува од нашата сопствена душа. Од нашето сопствено ЈАС. Затоа што подобро е да бидеш оригинал онаков каков што си роден, отколку добра копија. Во тоа нема среќа, ниту некакво душевно исполнување. Да, сите живееме во некакви средини и заедници и се трудиме да се вклопиме, тоа е сосема нормално. Но, не смееме да заборавиме дека букетот е составен од многу цвеќиња, секое е посебно на свој начин. Затоа, бидете најдобри што можете. За себе и поради себе. Само така ќе придонесете букетот да биде уште поубав.
Блеснете во сопствениот сјај, негувајте и чувајте ги работите кои ви носат насмевка на лицето и радост во срцето. Тогаш воопшто нема да имате потреба да се споредувате. Нема да се чувствувате лошо само затоа што мислите дека некој е подобар од вас, затоа што нема ни да обрнувате внимание на тоа. Нема да имате време да размислувате на тој начин.
А знаете зошто? Затоа што ќе бидете задоволни со себе и својот живот, ќе бидете пресреќни затоа што создавате сопствени искуства и ќе бидете вистински исполнети!
И единствен мотив во животот ќе ви биде – утре да бидете подобри од денес.
Но, не од другите, туку од самите себе!