Како резултат на големата невработеност во нашата држава, многу млади момци и девојки, но и повозрасни луѓе одлучуваат да се вработат како келнери во некој кафе бар, затоа што тоа е единствената работа која лесно може да се најде. И покрај тоа што платата не е голема, на некои луѓе им е неопходна за да си ги покријат трошоците за кирија или за студирање.
Оние кои немале потреба да ја работат оваа работа, сметаат дека буквално секој може да биде келнер. Но, во реалноста келнерите, покрај тоа што работат физичка работа, трошат многу енергија и на меморирање на стотиците нарачки во текот на денот, а за возврат очекуваат поголема почит од своите муштерии.
Еве неколку ситуации во кои келнерите се чувствуваат понижено од страна на своите муштерии:
„Колку треба?“
Келнерите се чувствуваат навредено кога муштеријата ќе им ги фрли парите на маса уште пред да ја добие сметката. Гостите очекуваат дека келнерот треба на памет да ги знае сметките од сите маси и прашуваат колку чини тоа што го пиеле.
Така излегува дека келнерот не бил доволно брз (и покрај тоа што давал сé од себе за да биде), па се случува гостинот да нема трпение да ја почека сметката и да остави помалку пари.
„Немам ситно“
Точно е дека келнерите работат со пари и треба да имаат ситно во секој момент за да враќаат кусур. Но, невозможно е келнерот да има ситно ако сите муштерии плаќаат со илјадарки за сметка од 80 денари. Па тогаш келнерот, ако е сам на смена, треба да трча низ маало и да бара да му раситнат пари во локалните продавници, обложувалници, банки…
„Многу ви се високи цените“
Кафе баровите се во приватна сопственост и за цените на пијачките одлучуваат нивните сопственици. Тоа значи дека дури и келнерот да сака цените да бидат пониски, за жал нема моќ да ги промени. Неговата работа е да го внесе артиклот во компјутер, да ве послужи, да ви ја одржува масата чиста и да ви донесе сметка. Толку!
Правење неред на масата
Гостите седнуваат во кафе бар за да се релаксираат, да се видат со пријателите и да се освежат со една кафе пауза. Келнерите треба да бидат љубезни и услужливи со своите муштерии и да ги исполнуваат нивните желби за да бидат тие задоволни од услугата. Меѓутоа, само затоа што седнувањето во кафе бар кошта пари, не значи дека гостите треба намерно да истураат шеќер и кафе по масата или да кинат хартија на ситни парчиња. Келнерите навистина немаат време да раскреваат сè што муштериите ќе остават зад себе.
„Ова не е тоа што го нарачав“
Како и на секој друг човек, така и на келнерот понекогаш може да му се случи да ја заборави нарачката или да ги помеша нарачките со некоја друга маса. Меѓутоа, откако ќе му објасните дека не ви го донел тоа што сте сакале да го пиете, тој/таа ќе ја поправи грешката. Од друга страна, ако гостинот нарачал макијато во лето, а не потенцирал дека сака ладно макијато, тогаш тоа не е грешка на келнерот.
„Продавате цигари?“
Поголемиот број кафе барови во Македонија не држат цигари, меѓутоа муштериите упорно ги прашуваат келнерите дали продаваат. До тука е сé во ред. Меѓутоа некои гости мислат дека келнерот е нивни слуга, па се дрзнуваат да им кажат да отидат да им купат цигари и притоа да го остават полниот локал со гости. Келнерите се само вработени лица како и сите останати, меѓутоа дел од нивната работа не е да пазарат низ маало за да ги задоволат побарувањата на гостите.
Правење неред во тоалетот
Точно е дека ве-цето во кафе баровите е јавно и секој муштерија има право да го користи, но тоа не значи дека кога ќе влеземе во него треба да се однесуваме како да сме во шума. Без разлика што тој тоалет не е дел од нечиј дом, сепак на крајот од работниот ден, келнерите се тие кои треба да го исчистат хаосот и притоа да останат живи.
Зборување на мобилен додека келнерот прави нарачка
Келнерите кои се трудат да бидат професионални во својата работа, сакаат да бидат гостопримливи и да комуницираат со своите муштерии, но тоа не е возможно доколку гостинот зборува на мобилен додека нарачува кафе. Ако тој телефонски разговор мора да се случи токму во тој момент, би било културно барем гостинот да му каже добар ден и пријатно на келнерот.