Иако можеби би се очекувало дека членовите на кралското семејство во текот на празниците, како што се Божиќ и Велигден ќе ги разгалат своите непца со деликатеси како што се кавијар, школки или најскапите бифтеци, се чини дека реалноста е поразлична.
Како што истакнува Дарен Мекгрејди, признат готвач со големо искуство во подготовка на оброци за кралското семејство, нивната празнична трпеза е целосно обична и „малку здодевна“.
„Секоја година истата храна. Всушност здодевни се кога станува збор за свечености и празници. Не консумирале ни шунка ни било што друго, туку исклучиво традиционално мисиркино месо“, открил готвачот за британски „OK!“.
Тој готвел за кралското семејство околу 15-на години и подготвувал јадења за различни членови од семејството, од покојната кралица Елизабета II до принцезата Дајана.
„Секоја година подготвувавме три мисирки. Една беше наменета за кралицата и нејзиното семејство на кралската трпезарија, другата за детската соба и третата за 100 или повеќе вработени во кралското семејство. На тој начин, секој уживаше во божиќниот ручек“, раскажал Мекгрејди додавајќи дека мисирката ја служеле со пире, печен компир полнет со костени во комбинација со жалфија и кромид.
„Секогаш подготвувавме и сос од брусница и разен зеленчук – зелка, морков и печен бел морков“, изјавил Мекгрејди, додавајќи дека десертот традиционално се состоел од божиќен пудинг.
„Пудингот беше подготвен со боровници, а во кралската трпезарија пудингот се внесува со пламен на врвот“, објаснил готвачот.
Пред оброкот кралицата сакала да се напие аперитив, својот омилен коктел од џин, а поранешниот готвач додал дека членовите од кралското семејство за божиќниот ручек уживале во чаша слатко, ароматично бело вино.
Пронајдете не на следниве мрежи: ©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.