Јованка Тренчевска избрана за претседателка на Клубот на пратенички

Вкупно 47 пратенички кои добија мандат на ланските парламентарни избори се дел од новиот состав на Клубот на пратеничички, кој се конституира денеска – со едногласен избор на Јованка Тренчевска за претседателка, по што, со консензус, беше изгласано и новото претседателство.

Од редовите на Претседателството, а на предлог на новоизбраната претседателка Тренчевска, беше избрана и заменик-претседателка на Клубот на пратенички. Таа позиција ја доби пратеничката Силвана Ангелевска.

Како што информираат од Собрание, со првата седница на новиот состав на Клубот на пратенички, првично формиран во март 2003 година како неформална група во Собранието, претседаваше највозрасната пратеничка Мерита Колчи Коџаџику.

Пратеничките ги поздрави претседателот на Собранието Африм Гаши, кој, во своето обраќање, нагласи дека ниту едно општество не може да се нарече праведно и развиено ако не гарантира еднакви можности за жените и за мажите.

„Сметам дека борбата за родова еднаквост не треба да се перцепира само како борба на жените, туку како заеднички предизвик на нашето општество. Мажите треба да бидат рамноправни партнери и исто толку активни како и жените во оваа борба, бидејќи верувам дека придобивките што ги носи рамноправното општество не ги уживаат само жените, туку и мажите. Затоа денес, со посебен акцент, сакам да ја нагласам потребата и неизбежната улога што мажите ја имаат во менувањето на менталитетите, остранувањето на стереотипите и поддршката на жените во професионалниот, социјалниот и политичкиот живот. Само со заеднички ангажман можеме да создадеме општество каде секој поединец, без разлика на полот, има еднакви можности и се почитува за неговиот/нејзиниот придонес“, рече Гаши.

Потпретседателката на Собранието Весна Бендевска им се заблагодари за придонесот на основачките на Клубот на пратеници пред 22 години, посочувајќи дека нивните напори вродија со плод. Донесени се, рече таа, клучни законски решенија за обезбедување и унапредувањена родовата еднаквост, но пред нас се уштеима многу работа.

„Посакувам овој форум да покаже и докаже дека е натпартиски. Мора да вложиме желба и напор заеднички да се бориме за родовата еднаквост и против сите видови и форми на каква било дискриминација, како и против говорот на омраза“, рече потпретседателката Бендевска.

Генералната секретарка на Собранието, Марина Димовска, во поздравното обраќање, истакна дека основањето на Клубот на пратенички беше пресвртница која го постави Собранието како лидер во промовирањето на родовата еднаквост, заштитата на женските права и надминувањето на стереотипите кои со години го ограничуваа учеството на жените во политиката.

Пронајдете не на следниве мрежи: