Јужнокорејскиот претседател Мун Џае Ин се обидува да ја забрани консумацијата на кучешко месо во неговата земја, што е таму традиција, но во светот предизвикува грозење.
Кучешкото месо е традиционален дел од јужнокорејската кујна и се верува дека таму годишно се јадат милиони кучиња. Консумацијата, меѓутоа, е во пад, бидејќи се повеќе луѓе ги прифаќаат кучињата како свои домашни миленици.
Меѓу младите јадењето на кучешко месо е речиси табу, а расте и притисокот од здруженијата за заштита на животните.
Мун сака кучиња и има неколку во својата претседателска резиденција, вклучувајќи и мешанче кое го спасил од азил. Тоа е првото вдомено куче во историјата на Сината куќа, како што се нарекува резиденцијата на јужнокрејските претседатели.
Јужна Кореја има закон против суровост над животните, но тоа се однесува на начинот на кој се убиваат, а не на самата консумација.