Според американските медиуми, гласовите од „супервторник“ ќе им овозможат на Бајден и Трамп брзо да го освојат мнозинството делегати, да ги освојат партиските номинации и повторно да се сретнат на изборите закажани за ноември годинава
Актуелниот американски претседател Џо Бајден и поранешниот претседател на САД Доналд Трамп постигнаа победи на прелиминарните избори „супер вторник“ во голем број на држави. Со тоа, се отвара патот тие двајца повторно да бидат во трка на претстојните претседателски избори.
Бајден ја освоил номинацијата на демократите во 14 држави – плус Ајова, каде се гласало по пошта. Тој победи во Алабама, Арканзас, Калифорнија, Колорадо, Мејн, Масачусетс, Минесота, Северна Каролина, Оклахома, Тенеси, Тексас, Јута, Вермонт и Вирџинија.
Единствениот пораз на американскиот претседател бил во американска Самоа, во јужниот дел на Пацификот, каде победил Џејсон Палмер.
На републиканските прелиминарни избори, Трамп триумфирал во Вирџинија, Северна Каролина, Тенеси, Оклахома, Мејн, Алабама, Масачусетс, Арканзас, Тексас, Колорадо, Минесота и Калифорнија.
Единствената ривалка на Трамп за републиканската номинација, Ники Хејли, освои најмногу гласови во Вермонт, откако претходно победи во Вашингтон.
Според американските медиуми, гласовите од „супервторник“ ќе им овозможат на Бајден и Трамп брзо да го освојат мнозинството делегати, да ги освојат партиските номинации и повторно да се сретнат на изборите закажани за ноември годинава.
Претседателот Бајден објави дека милиони Американци „јасно го слушнале својот глас“ и сугерираше дека гласовите во негова корист покажуваат дека електоратот сака да се бори, како што рече, против екстремниот план на Доналд Трамп да ги врати назад Американците.
Според Бајден, Трамп е фокусиран на одмазда и сака да ги укине основните слободи како што е способноста на жените сами да донесуваат одлуки за здравствената заштита“.
Во обраќањето пред толпата во одморалиштето Мар-а-Лаго, Трамп рече дека „ова е прекрасна ноќ“.
„За џабе не го нарекуваат „супервторник“. Ова е голема и славна ноќ“,
изјави поранешниот американски претседател коментирајќи ги резултатите.
Трамп ја осуди економската и надворешната политика на Бајден, особено неговиот однос кон имиграцијата.
„Ќе ја направиме Америка повторно голема, поголема од кога било досега“,
рече тој.