Обидот на опожарување на објектот на Еврејската заедница и синагогата „Бет Јаков“ претставува удар врз мирот, стабилноста и соживотот, кои со векови се негуваат на македонска почва и врз кои се темели нашето општество. Секое посегнување по туѓата светиња, без оглед на која верска заедница ѝ припаѓа, значи нарушување на основните вредности на почит, слобода и човечко достоинство. Непочитувањето на светињата на другиот е и непочитување на сопствената светиња – стои во реакцијата на Комисијата за односи со верските заедници и религиозни групи и на лидерите на петте верски заедници во државата, што денеска на прес-конференција ја прочита директорката на Комисијата, Оливера Трајковска.
Таа рече дека изразуваат осуда по повод немилиот настан што се случи во раните утрински часови на 12 април и изразуваат солидарност и поддршка кон Еврејската заедница.
– Затоа, во духот на заедништвото меѓу религиската соработка и заемното разбирање упатуваме повик до сите граѓани да покажеме одговорност, разум и доблест и да останеме чувари на соживотот. Заемната почит е меѓу најголемите вредности што ги поседуваме, па да ја чуваме и да ја оставиме како аманет за идните поколенија – додаде Трајковска.
На прес-конференцијата беа присутни поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, г.г. Стефан; скопскиот бискуп и струмичко-скопски епарх, Киро Стојанов; поглаварот на Исламската верска заедница, реис-ул-улема Шаќир Фетаху; претседателот на Еврејската заедница, Пепо Леви и суперинтендантот на Евангелско – методистичката црква пасторот Марјан Димов.
Претседателот на Еврејската заедница Пепо Леви истакна дека изразуваат реакција која истовремено е осуда и знак на поддршка за Еврејската заедница, бидејќи во Македонија верските заедници негуваат долгогодишна соработка, конструктивен дијалог и меѓусебна поддршка на секое поле.
Одговарајќи на новинарско прашање тој рече дека нема нови елементи во врска со немилиот настан, ниту инститираат да ги добијат во интерес на истрагата од една страна, а од друга страна, посочи, важно ни е да се фатат сторителите, меѓутоа не е есенцијално.
– Есенцијално е да извлечеме поука од сето ова. Ова е ексцес кој не се случил од 1943 година кога Хитлер и неговата солдатеска ги однесоа нашите 7.144 Евреи во Треблинка. Од таму никој не се врати. Никогаш не била спалена синагога. Такви работи не се случувале во Македонија. Се надевам дека нема да дозволиме надворешните конфликти и влијанија да се прелијат во нашата Македонија каде живееме во мир, соживот и имаме разбирање и блиски односи меѓу сите верски заедници. Од сите верски заедници добивме поддршка. Не знаеме дали се терористи или се хулигани, но факт е исламска држава ИСИС имаше проглас за Велигден да се палат христијанските и еврејските верски обејкти. Дали е тоа резултат на тој повик или е нешто друго, полицијата ќе утврди, рече Леви.
Ние, потенцира тој, не подлегнавме на никакви притисоци досега.
– И досега имаше 7 октомври во Газа итн. Ние како верски заедници се држевме цврсто и не дозволивме и немавме никави екцеси досега. Се надевам дека државата ќе преземе соодветни мерки за да се превенираат ваквите случувања. Целиот свет е вознемирен за сето ова што се случува на Блискиот Исток, Русија, Украина, Нигерија, Африка, тоа се стотици, илјадници жртви. Една мала Македонија треба да си го чува мирот, спокојот и соживотот. Имаме апсолутна доверба во нашите власти и нашата полиција. Искрено се надевам дека полицијата има повеќе податоци. Верувам дека во корен ќе се сузбијат сите такви верски нетрпеливости кои се шират меѓу младите, меѓу недобро намерните, додаде Леви одговарајќи на новинарско прашање.
Поглаварот на Исламската верска заедница Реис Ул Улема Шаќир Фетаху одговарајќи на новинарско прашање рече дека во рамките на ИВЗ и меѓу сите верници од исламската вероисповед нема никаков проблем oколу верските заедници, околу верниците.
– Младината наша има големо почитување кон сите верски заедници, кон сите верници. Тоа се гледа и во сите места каде ние сите живееме заедно без никаков проблем. Затоа најодговорно тврдам дека соживотот во Македонија убаво се развива и нема никаков проблем. Верските заедници заедно со Комисијата внимаваат околу тоа како се развива соживотот, и се залагаме соживотот и толеранцијата да бидат на највисоко ниво. Сметам дека вакви елементи не потекнуваат од ниедна религија во Македонија. А кои се тие и што се тие, нашите институции кои се одговорни треба да ги најдат сторителите, додаде Реис Ул Улема Шаќир Фетаху.



