Две чуда на Пресвета Богородица | За несреќната смрт со која Бог казнил еден хулител

Чудата на Пресвета Богородица (ЧУДО 52.)
За несреќната смрт со која Бог казнил еден хулител

Две чуда на Пресвета Богородица | За несреќната смрт со која Бог казнил еден хулител

+++

Во Саксонија имало еден развратен човек, кој за мала причина пцуел и проколнувал. Еден ден кога овој играл карти и ги изгубил сите пари, се разгневил многу и почнал да хули на Христа и на Пресвета Богородица.

Тоа Исус не можел да го истрпи, па веднаш го поразил со меч и развратникот паднал на земја и извикал:

„Ме најде големо зло, јас сиромав!”

Штом го изговорил тоа, веднаш умрел, а ѓаволите му ја зеле душата и ја однесле во вечната мака.

Луѓето што биле таму виделе дека од телото му тече крв и кога го соблекле, нашле дека целиот труп му бил исечен, та му се гледале цревата и дробовите.

Отпосле голем број луѓе се собрале да го видат тој страшен призор, на што сите се чуделе.

Кога тоа го чул еден негов пријател, побрзал да отиде да го виде, но по патот го сретнала една сенка како човек и му рекла:

„Јас сум твојот пријател што умрев сега.

Оди, кажи им на сите што пцујат, колнат или хулат грешно да се покајат за да не ги стигне гневот Божји и да пострадаат како јас; да знаат уште дека владиката Христос трпи многу и не ги казнува на овој свет оние што живеат беззаконо, но на страшниот и праведен суд Божји ќе се мачат вечно.

A кој ќе се осмели да злослови на Мајката Божја, не трпи, а веднаш го казнува и го осудува на вечна мака како што пострадав и јас, твојот пријател”.

Таа сенка била душата на умрениот и кога го рекла тоа, се изгубила. Тогаш пријателот негов отишол и кога го видел телото, се уверил дека тоа била душата на умрениот што му зборувала по патот.

Тоа им го кажувал на сите и луѓето кога чуле, се растрепериле од страв и веќе не смееле ни уста да отворат за да хулат на Мајката Божја.

+++

ЧУДО 53. За смртната казна на еден друг богохулник

Некој бродар Евреин, по име Теодорит, на кого сите другари му биле христијани, отишол негде по работа, а во бродот го оставил сина си Илија.

За тоа време христијаните управувале со бродот, а доаѓал еден од Богородичните празници.

На денот на празникот, тие го замолиле синот на Евреинот да ги пушти да отидат в црква на света литургија.

А тој, ненависник Божји, почнал да хули на света Богородица. Мегутоа, не минало многу време и Божјата казна го стигнала.

Во една прилика кога сите бродари работеле заедно, едно дрво паднало и го удрило само него по главата, та му истекол мозокот и умрел.

Тогаш христијаните отишле на божествена литургија и Го прославиле Бога.

Амин.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.МК Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.МК може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.МК или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.