Детали од обвинителството: Пресметката во Чаир почнала кога бугарските навивачи излегле од автомобилите, избодениот Бугарин е опериран

Обвинителството излезе со детали за насилството по повод фудбалскиот натпревар помеѓу фудбалскиот клуб „Левски” од Софија и „Шкендија“, кога еден бугарски навивач беше избоден со нож.

Од тука велат дека издадени се сите наредби за идентификација на лицата кои учествувале во инцидентот.

Според првичните сознанија, до настанот дошло додека навивачи на ФК „Левски” со две возила со бугарски регистарски ознаки се движеле во близина на трговскиот центар „Чаирчанка”, каде влегле во вербална расправија со случајни минувачи и граѓани.
Бугарските навивачи ги запреле возилата и излегле од нив, по што вербалната расправија преминала во физичка пресметка со група граѓани кои излегле од околните објекти. При враќање во автомобилот, 29-годишен бугарски државјанин бил повреден со остар предмет во абдоменот. Кај него е констатирана тешка телесна повреда и е хоспитализиран. По извршена хируршка интервенција, тој е во стабилна состојба.

Со цел утврдување на идентитетот на граѓаните кои учествувале во настанот и кои според првичните сознанија не биле дел од локална навивачка група, како и целосно расчистување на настанот, подигнати се траги од лице место кои ќе бидат предмет на вештачење. Освен тоа, обезбедени се видео записи од околните објекти и од камерите на системот “Безбеден град”, а се преземаат и други дејствија.
Што се однесува до останатите инциденти поврзани со навивачи на ФК Левски во текот на вчерашниот ден, обвинителството е известено дека се процесуирани прекршoчно.

Пронајдете не на следниве мрежи:©ПУЛС24.MK Вестите на интернет страницата на редакцијата ПУЛС24.MK може да се користат исклучиво за лично информирање. Без писмена дозвола од ПУЛС24.MK или посебен договор, не е дозволено преземање, користење или реемитување на вестите.