САД имаат намера да ѝ понудат на Русија заедничка експлоатација на ретки земјини минерали во Алјаска. Според „Дејли Телеграф“, американскиот претседател Доналд Трамп планира да му ја презентира оваа понуда на рускиот претседател Владимир Путин за време на претстојниот самит во Алјаска. Втората понуда на американскиот лидер, според изворите на весникот, вклучува укинување на забраната за снабдување со резервни делови и опрема за одржување на патнички авиони во Русија.
Како што забележува „Дејли Телеграф“, таков договор би можел да биде многу профитабилен за американската компанија Боинг. Весникот цитира неименуван британски владин претставник, кој изјавил дека ваквите понуди, веројатно, „би можеле да бидат прифатливи за Европа“. Во четврток, 7 август, рускиот претседателски помошник Јуриј Ушаков изјави дека Русија и САД постигнале договор за состанок на лидерите. Истиот ден, Путин ја потврди подготовката на самит со Трамп, наведувајќи дека интересот за билатерална средба е взаемен.



