Договорот од Преспа е договор што ги обврзува двете страни


Договорот беше потпишан и сега веќе претставува договор што ги обврзува и двете страни, рече портпаролот на грчката Влада Павлос Маринакис на денешниот брифинг со новинарите во Солун, одговарајќи на новинарско прашање за изборите кај нас и ставот на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ дека нема да го користи името „Северна Македонија“, но и во однос на сценариото за поништување на договорот од наша страна, јави дописничката на МИА од Атина.

Маринакис потсети на позицијата на Нова демократија додека беше опозиција, рече дека ставот тогаш беше јасно изразен, но посочи дека паралелно Кирјакос Мицотакис, како лидер на тогашната опозиција, „јасно стави до знаење дека од моментот кога овој договор ќе се изгласа, мора да се почитува и претставува договор на грчката држава“.

-Јасно ги изразивме нашите разлики, нашите несогласувања, нашето противење, ако паметите имаше и жестока дискусија во грчкиот Парламент по предлогот доставен од пратеничката група на Нова демократија. Договорот беше потпишан и веќе претставува договор што ги обврзува и двете страни. Ќе ги видиме изборите во соседната земја. Секоја земја има право да го изразува ставот што смета дека е правилен за земјата, но Грција е суверена држава која воопшто не отстапува од своите национални позиции и секако сето ова не може да се смени преку ноќ, бидејќи некој така сака, како што и самата историја има покажано, истакна Маринакис.

Паралелно посочи дека ќе го видат резултатот од изборите кај нас и уште еднаш повтори дека „единствено е сигурно дека Грција има Влада која во никој случај нема да отстапи ниту за нешто што е договорено, ниту за прашањата поврзани со суверените права“.

– Реклама –

Пронајдете не на следниве мрежи: