Додека светот се бори со корона кинеската еконoмија забележа раст од дури 4,9%

Loading...

Додека светот сè уште се справува со пандемијата, Кина покажа дека е можно брзо заздравување на економијата ако вирусот се држи цврсто под контрола. Податоците покажуваат дека во третиот квартал кинеската економија бележи раст од 4,9%, споредено со истиот период лани.
Според анализата на Њу Јорк Тајмс, растот најмногу се должи на мерките со кои државата ја зголемува куповната моќ на населението и со тоа ја поттикнува домашната потрошувачка, но и поради масовните капитални инвестиции.
Според експертите, важно е да се направи селекција на капиталните проекти, но никако да не се прескокнуваат инвестициите во образованието и здравството.


„Станува збор за капитални проекти, кои имаат мултиплицирачки ефекти на националната економија на Кина. Значи, оние кои создаваат не само директни, туку и индиректни ефекти на националната економија. И плус со масивни инвестиции во технолошки иновации, дигитална технологија и она што е, би рекол носечката моќ на кинеската економија, а тоа е извозната ориентираност”, вели Зоран Ивановски, универзитетски професор.
Експертите сметаат дека македонската економија мора да биде извозно ориентирана. За да се поттикне растот мора да се стимулира јавната потрошувачка, но и инвестициите во приватниот сектор.


„Нема што да се измислува топла вода, од секоја држава може да се извлечат добри приказни и она што е најдобро применливо да се искористи на нашата економија. Стимулирање на јавната потрошувачка, секако, тоа државата го прави преку стимулси. Меѓутоа, мора да ставиме акцент на приватните инвестиции. Значи, да не очекуваме дека само стимулирање на јавната потрошувачка и капиталните проекти се доволни, затоа што тоа има импут и се пресликува на висината на јавниот долг, туку мора да се бараат алтернативни мерки за стимулација на приватните инвестиции”, вели Зоран Ивановски, универзитетски професор.
Њу Јорк Тајмс во својата анализа пишува дека кинескиот модел за заздравување и раст на економијата е ефикасен, но можеби нема да е привлечен за другите држави. Клучно било да се елиминира локалната трансмисија на вирусот, а за да се постигне тоа Кина ги следеше граѓаните преку мобилните телефони и воспостави неколкунеделни карантини во цели градови. Но, најважно, Кина масовно го тестираше своето население дури и при најмали епидемии.

loading...