Европскиот парламент и земјите членки на Европската унија постигнаа договор за новата директива за хипотекарните кредити, кои вклучуваат појасни правила при одобрувањето на заемите и подобра процена на кредитната способност на корисникот на кредитот.
Претставниците на Европскиот парламент и на ирското претседателство со Европската унија, коешто преговара во името на земјите членки, постигнаа договор за директивата за хипотекарните кредити, која Европската комисија ја предложи во март 2011 година/ Договорот сега треба да биде потврден и во Советот на ЕУ и на пленарна седница на Европскиот парламент за да може да стапи на сила во 2015 година.
Компромисот, меѓу другото, вклучува и подобра заштита од курсниот ризик за оние должници кои кредитот го подигнале во странска валута. Доколку трошоците на отплатата н кредитот излезат од контрола, должникот ќе има можност да ја сопре спиралата на долгот со замена на валутата на задолжување или со други заштитни механизми.
Договорено е и решение за порана отплата на кредитот коешто ќе ги заштити должниците од тоа банките да им наплатат преголем надомест за тоа.
Со новите правила им се забранува на експертите кои работата на процени на кредитната способност да бидат платени според бројот на одобрените кредити, што доведе до неодговорно задолжување и придонесе за раст ма балонот на недвижностите во многу земји членки на ЕУ.
Директивата предвидува единствен и стандардизиран сет информации кој на корисниците ќе им овозможи полесно да ја идентификуваат најдобрата понуда за себе, што би требало да го олесни земањето кредити во другите земји членки на ЕУ, односно да им олесни на кредитните институции работење во единствениот пазар на Европската унија.
„Новите правила ќе им обезбедат на потрошувачите подобри информации за хипотекарните кредити и понуди. Видовме во Ирска дека одобрувањето на хипотекарните кредити придонесе за кризата на финансискиот систем”, изјави ирскиот министер за финансии Мајкл Нунан, чијашто земја токму поради балонот од недвижности падна во финансиска криза и беше принудена да побара финансиска помош од ЕУ.
„Финансиската криза започна со дебаклот на сапрајм кредити во САД, каде што кредити се одобруваа без проверка на кредитните способности, а слабо информираните корисници често се поттикнувани да преземат преголем ризик. Имавме слични случаи и во Европа, како што е, на пример, бумот на недвижностите и потоа неизбежното пукање на балонот во Шпанија и во Ирска. Последиците за финансискиот сектор и економијата во целина беа големи. Многумина коишто останаа без своите домови проживеаја вистински трагедии кога веќе не можеа да го сервисираат својот долг”, изјави комесарот за финансиски услуги, Мишел Барние.
„Директивата ќе помогне да се стави крај на преземањето на претеран ризик и да се зајакна одговорноста кон кредитирањето. Потрошувачите ќе добијат заштита каква што заслужуваат, ќе бидат подобро информирани, така што ќе можат да изберат хипотекарен кредит кој најдобро ги задоволува нивните потреби по најдобра цена и ќе бидат целосно запознаени со ризикот што го презимаат”, додава Барние.
Пазарите на хипотекарните кредити во земјите членки е голем, така во 2009 година станбените кредити во 27-те земји членки изнесуваа повеќе од шест билиони евра, што претставува 52 отсто од бруто домашниот производ (БДП) на Европската унија.
Макфакс
Европскиот парламент и земјите членки на Европската унија постигнаа договор за новата директива за хипотекарните креди