Катастрофални услови во студентскиот дом Пелагонија, нема топла вода, лифтови, ниту директор

Катастрофални услови го следат студентскиот живот во студентскиот дом „Пелагонија“ во Скопје кој едно време важеше за еден од подобрите домови во Македонија. Недостаток на топла вода, нефункционални лифтови, стаорци во тоалетите, протечени ѕидови и намален квалитет на храната, се само дел од предизвиците со кои се соочуваат станарите во овој јавно-приватен студентски дом пренесува „Мета

Овој студентски дом еден месец функционира без директор откако последниот си дал оставка ао во меѓувреме не е назначен нов, па нема кој да ги средува наталожените работи, а и да им ги среди маките на идните академски граѓани.

„Најпрво, стануваме наутро, се миеме со мраз ладна вода – се разбира, доколку имаме воопшто вода. Во тоалетот ако пуштиш вода, чекаш цел час за да се наполни повторно. Потоа, тргнуваме за на факултет пешки секое утро од осми кат бидејќи нема лифт за надолу. А откако ќе се вратиме од факултет, мртви гладни се молиме в менза да има нешто добро за јадење“, велат студенти за Мета.

Дел од станарите во овој студентски дом велат дека уличните кучиња имаат подобро услови од нив и дека поради честото бањање со ладна вода само прашање на време кога некои од нив ќе завршат во болница.

„Во ваква мизерија не се живее, психички ќе се испореметиме. Па само болни сме од ова капење со ладна вода. Прашање на време е кога ќе завршиме во болница. Уличните кучиња имаат подобри услови, верувај“, вели револтиран студент.

Станарите сметаат дека многу од проблемите би можеле да се решат, но нема кој да стави потпис на потребните одлуки, затоа што домот речиси еден месец функционира без директор, откако последниот си дал оставка кон крајот на октомври. До овој момент, не е поставен ниту в.д. директор. Оваа административна блокада го отежнува спроведувањето на итни интервенции за подобрување на условите.

„Домов има проблеми со сервисирање на лифтови, пумпи за вода, грејачи и, најважно, слушнавме дека може да останеме и без храна, доколку не се постави директор. Овие денови некако ги поминуваме, но потребен е некој овластен за потписи. Нема ниту на кого да му се пожалиме за условите“, велат станари сместени во „Пелагонија“.

Од МОН за Мета кажале дека во текот на оваа недела ќе биде назначен в.д. директор и ќе бидат надминати предизвиците кои се настанати поради недоволната ангажираност на досегашното раководство.

Пронајдете не на следниве мрежи: